Франка Граждани, од Скопје до Кореја: Секој добива бесплатна НФТ уметност со купена маичка од мојот моден бренд
Нашата денешна соговорничка Франка Граждани, има 26 години, магистер е по машинско инженерство, но работи во Веб3 индустријата со НФТ и крипто-валути, а неодамна во Јужна Кореја го основа и својот моден бренд Graz. За себе вели дека иако во моментов работното место не и е по примарната професија, сѐ уште ја негува љубота кон машинското инженерство – особено возилата: „Малку неочекувана беше транзицијата од машинство во дизајн, но за сѐ што правам, водена сум од љубовта кон механиката“, вели Франка.
Препорачано

За тебе македонската јавност слушна во 2019, кога имаше само 22 години. Причината беше дипломскиот труд, односно твојот суперкул и практичен изум – паметни патики со влошки кои ја полнат батеријата на мобилниот телефон.

Две години подоцна, животот те носи во Јужна Кореа. Зошто баш Сеул?
Кај возилата и машините постои модуларност, опција да замениш дел, што дава голема флексибилност за тоа како работи еден механизам. Истото е кај возилата, посебно при нарачка (се бира боја, тркала, седишта итн). Поради ова, сакав да го направам истото со облеката. Зошто да се купи нова, кога може само да се апдејтне постоечката. Ова значи да се подели облеката на функционални делови. Ова многу добро го прават Јапонците и Корејците во нивната мода. Како што го развивав јас мојот бренд, се повеќе сфаќав дека таму е изворот на овој тип на изразување. Па некако се склопија повеќе работи, и одлучив да тргнам за Сеул!

Се селиш во Кореја за време на пандемијата со коронавирусот. Мерките беа строги кај нас, ама снимки од Азијати со заштитни маски се среќаваа и многу поодамна пред пандемијата. Што те очекуваше таму кога се пресели?
Одлуката да се преселам сосема сама во Кореја беше и најдобра и најлоша за мене, односно за моето ментално здравје. Многупати се прашував дали ја донесов правилната одлука, но после ова искуство, се чувствувам како да можам да направам апсолутно сѐ. Бидејќи сама тргнав, бев подготвена на секакво сценарио. Ниту имав луѓе таму, ниту знаев како и што треба да правам, така беше конфузно многу често, особено во пикот на короната бидејќи мораше МНОГУ тестови да се прават. Меѓутоа, Корејците се луѓе што многу почитуваат правила, и се многу свесни за постоењето на другите околу нив. Не само за короната, туку генерално. И јас сум човек што смета дека законот е измислен за почитување, така што, брзо се адаптирав и ми беше лесно. Секако, има тешкотии во се, најтешко ми беше да менувам станови и да комуницирам со постари лица за каква било работа, но се помина во најдобар ред. Ако нема предизвик – не е интересно.

Како што сме ние, веруваме дека и цела наша публика е љуботна и сака да дознае каков е животот и секојдневието во Сеул?
Искрено, иако личи дека сме многу различни, делиме многу сличности. Би рекла, најмногу во семејните вредности и во дружељубивоста. По некоја случајност мнозинството пријатели ми беа Корејци, и никогаш не се чувствував осамено, напротив, беше како дома! Олеснителен момент беше прекрасната кујна – и оброците би ги издвоила како едни од омилените моменти во денот. Искрено нема ден да не посакам да јадам Корејско – од живо морско јадење до сушени алги па се до грицки со вкус на мед и ракчиња!
П.С. Препорачуваме да ја ѕирнете оваа инстаграм-објава на Франка – на третото видео храната буквално е жива и мрда!
View this post on Instagram
Како се снаоѓаше со лингвистичкиот предизвик, со оглед на тоа дека не делиме ниту еден збор или заедничка буква со нив? Колку Корејците се желни да комуницираат со странци, дали е предизвик да се развијат нови пријателства?
Јас зборувам разговорен корејски така што во секојдневието се беше во ред, но кога работев имав мал проблем бидејќи дел од луѓето не зборуваат англиски, па морав да комуницирам преку апликација за превод. Отворени се за разговор, и приоѓаат на странците и ги прашуваат разни работи, бидејќи поретко има странци кои живеат таму. Ќе признаам, на почеток ми беше тешко, но после се снајдов, и сега имам, за среќа, голем круг на пријатели.

Што ни е заедничко со корејците, а што не? Кој беше твојот најголем култулорошки шок и што те импресионираше најмногу од нивната култура? Што би сакала од таму да видиш кај нас?
Најголем културен шок ми беше почитта што ја покажуваат. На постарите, вработените, професорите, родителите, возрасните, макар и не-толку-блиски познаници, тие им персираат. Кога се плаќа, зема пари за кусур, се става јадење и слични активности во кои имате интеракција со друга личност, истата се врши со две раце, за да се покаже почит за соговорникот. Тоа ме фасцинираше, бидејќи сите функционираа совршено и мирно, свесни за меѓусебен ко-живот. Иако е слично и кај нас, би сакала и тука да се искажува повеќе почит, не само спрема постарите и луѓе кои имаат авторитет, туку и сите други луѓе.
Последниве неколку години светот е се позаинтересиран за корејските производи за убавина и нивните рутини и ритуали за блескава кожа. Трендот стигна и до Македонија, па за време на пандемијата се отворија и физички и онлајн продавници кои нудат исклучиво корејска козметика. Како ти би ги опишала корејките? Дали и ти почна да практикуваш корејска рутина за убавина или некој нивен ритуал?
Апсолутно, и јас да користам корејски производи за убавина. Има разлики во стандардите за убавина, кај нив важно е да се има бела кожа, црвени образи, помали усни – малку пигментирани. Филозофијата, која многу ми се допаѓа, е да изгледаш како да немаш шминка, и да изгледаш здраво и чисто, и во принцип, не користат тешка шминка.

Кои се негативните страни на Кореја?
Би рекла тешкотијата во комуникација и фактот што кога си странец, како и секаде, предизвикувачки е да се вклопиш во едно општество.
Со твоето заминување во Кореја се раѓа и твоето првенче – модниот бренд Graz кој доставува – како што пишува на неговиот сајт – парчиња создадени за афтерпарти во вселената. Раскажи ни, што сѐ нуди Graz, дали желбата се роди во Кореја или е нешто што го планираше поодамна? Колкав предизвик е да се основа моден бренд во друга држава и како Кореја го прифати Graz?
Идејата се роди во Македонија, уште додека студирав на машински, но никогаш не ја реализирав. Кога имав повеќе време, ја остварив. Идејата на Graz е да се создатат парчиња облека кои функционираат како заедно, така и одделно, со цел да се „апгрејднат“ по делови, или „технички парчиња“.
View this post on Instagram
Со други зборови, левата страна на сакото да го комбинираш со десната страна на маичката. Овој метод е инспириран од инженерството, па затоа темата е често поврзана со тоа, или со вселената, бидејќи астронаутите имаат расклопливи облеки. Па на таа забава во спејс-шатл, се надевам ќе се носи Graz. ?
View this post on Instagram
Во продолжение, момците од корејскиот бој-бенд P1Harmony во парчиња од брендот на Франка:
View this post on Instagram
View this post on Instagram
View this post on Instagram
Она што особено нѐ импресионираше е твојата моментална ангажираност во НФТ индустријата и крипто-валутите. Годинава го носиш Graz во Македонија, а со секоја нарачана маичка од твојата последна колекција се добива бесплатна НфТ уметност. Тоа те прави првата македонска дизајнерка која нуди ваков токен. Сакаме да дознаеме сѐ за овој подарок, но и како ти гледаш на дигитализацијата?
НФТ според мене ќе се развијат за поширока примена. Иако денес се дигитални слики кои (најчесто) немаат некоја особена примена, во иднина ќе бидат сѐ – сертификатите за едукација, покани за свадба, купони за попуст, авионски билет и многу повеќе. Така што, нормален тек на човештвото е дигитализацијата, и нема ништо страшно или лошо во тоа, баш напротив, ќе се поедностават многу процеси. За Graz маичките, купувачите добиваат линк кајшто следат инструкции и го добиваат НФТ-то.
View this post on Instagram
Има и друга опција, да се купи само НФТ-то без маичка на https://graz.world/. Дигитален паричник е програма каде што се зачувуваат дигиталните токени (пример, пари или слики). Опасност постои секаде – секогаш, но би рекла потребно е да се биде највнимателен на линковите на кои се кликува. Доколку сте внимателни и не кликате на чудни и непроверени вебсајтови – тогаш опасноста е многу помала!
Што можеме да очекуваме од Graz во блиска иднина?
Следно од мене е целодневен Поп-Ап Шоп/ Забава во Каса Бар Маврово во Сабота на 18ти февруари, каде ќе може да видите, пробате и купите маички, како и да си нарачате Custom Made парчиња! Ќе има и можност да добиете бесплатно НФТ – како и мини- crash course со инструкции како да се влезе во тој свет. Јас ќе бидам таму цел ден – така што Ве чекам на дружба!

БОНУС / 7 од 7 со Франка:
1. Омилен албум: Kanye West – The College Dropout
2. Омилен момент: Кога облека од мојот бренд Graz беше носена од корејската поп-ѕвезда Хонг Џи-јун, а со тоа прикажана на една од најгледаните емисии во Кореа! Proud :’)
View this post on Instagram
3. Омилена храна: Sashimi – или сирови парчиња риба со Jinro Soju (корејски алкохол)

4. Омилено шоу: Fullmetal Alchemist

5. Oмилен предмет: Подарок од сестра ми за роденден, Mercedes SLS

6. Oмилена песна во моментов: JOJI – Run
7. Омилени обувки: Nike Air Max 95 „Red Stardust“ Glimmers



