Франк Рибери, човекот со лузна кој никогаш не ги запозна вистинските родители

twitter.com/TransferChanger

Франк Рибери летово ја затвори најубавата страница во својата фудбалска кариера, по 12 години го напушти Баерн Минхен и се пресели во Серија А потпишувајќи за екипата на Фиорентина сакајќи притоа да покаже дека и на 36 години сè уште може да игра на највисоко ниво.

Најблиските пријатели на францускиот фудбалер воопшто не се сомневаат дека Рибери ќе ја покаже својата класа и во Серија А, бидејќи неговата животна приказна е идеална за филмско сценарио и е доказ дека тој е вистински воин кој никогаш не се предава.

Одличниот фудбалер никогаш не ги запозна своите биолошки родители. Имено, тој како бебе бил оставен пред вратите на еден манастир во Франција, а имал само две години кога доживеа страшна сообраќајна несреќа во која ја заработи лузната што му го одбележа животот. На лицето имал дури 100 шавови, а поради лузната беше отфрлен, исмејуван и понижуван. Сепак, лузната го направи Рибери тоа што е денеска, голем борец кој никогаш не се откажува.

– Лузната ми даде карактер и сила бидејќи кога си дете и имаш таков белег на лицето не е лесно. Начинот на кој те гледаат, коментираат… Многу патев поради тоа. Луѓето велеа, погледнете какво му е лицето, погледнете му ја главата, грд е, одвратен е. Каде и да одев луѓето постојано гледаа во мене, но не поради тоа што сум добар фудбалер, туку поради лузната – вели Рибери.

Како мал имаше премногу понижувачки прекари, го нарекуваа Квазимодо, скарфејс, Франкенштајн, а Рибери се бранеше како знаеше и умееше, дури понекогаш и со тупаници.


– Ми беше тешко. Во училиште постојано ме исмеваа, зборуваа за мене. Но, иако ме малтретираа никогаш не се повлеков или заплакав, никогаш, но затоа многу патев. Тоа ме мачеше постојано како млад, но научив бесот да го искалам преку фудбалот. Без тие лузни ќе бев нормално момче, но од друга страна поради нив имам неверојатен карактер и волја. Кога сега се потсетувам на детството, горд сум на тоа што го поминав тогаш. Не беше лесно но затоа денеска го сакам својот живот и своето лице – изјави Рибери во едно интервју.

Судбината го натера Рибери да има многу тежок пат до врвот но и покрај тоа, тој стана еден од најдобрите фудбалери на денешницата. Додека растеше, Франк Рибери беше принуден да се брани и поради тоа постојано имаше проблеми со законот, се додека не ја запозна својата сопруга Вахиба Белхами поради која ја смени верата и премина во ислам.

„Ја запознав Вахиба на 16 години, живеевме на иста улица. Се вљубив во неа на прв поглед“.
Откако премина во ислам, тој има и муслиманско име Билал Јусуф Мухамед.

По лошата епизода во младинската школа во Лил, Рибери се пресели во третолигашот Алес но и таму не му цветаа розите. Подоцна среќата ја пронајде во Брест. Доаѓањето во Брест беше првиот чекор кон неверојатниот подем во кариерата, потоа следеа Мец, Галатасарај, Олимпик Марсеј па Баерн Минхен со што докажа дека секој може да стане одличен фудбалер доколку талентот го бруси со напорни тренинзи. За брзо време Франк Рибери стана херој на фудбалска Франција, но идилата не траеше долго, поради лошите игри за репрезентацијата се најде на удар на навивачите. Многу брзо од херој стана лошо момче…

Проблемите за Рибери во Франција се зголемија во 2010 година кога малолетната проститутка Захија Дехар откри дека Рибери и Карим Бензема и платиле за сексуални услуги. За време на секс скандалот Захија била малотетна иако на фудбалерите им кажала дека има 19 години.

– 2010 година беше навистина грозна за мене. Не сакам да ги спомнувам повредите кои ги имав, но имав поголеми проблеми на приватен план. Повредив блиски луѓе, а многу луѓе разочарав и затоа сакам да им се извинам јавно и да побарам прошка – зборуваше Рибери во 2010 година.


И навистина Рибери во 2011 година сврте нова страница од животот, максимално му се посвети на фудбалот и на Баерн Минхен и стана еден од најдобрите крилни фудбалери на денешницата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот