ФОТО+ВИДЕО: Вулкан го претвори рајот на Канарските острови во огнен пекол

Кумбре Виеха исфрли свежи потоци од лава, проголтувајќи сè што му се наоѓа на патот, а апокалипсата на вулканот трае веќе трет месец.
Снимката направена во четвртокот покажува потоци од стопени карпи кои полека проголтуваат дрво по дрво. Во последните неколку недели, вулканот секојдневно предизвикува и голем број потреси.

/ Фото: EPA-EFE/EUROPEAN UNION, COPERNICUS
Според системот за сателитски мониторинг на ЕУ, Коперник, од почетокот на ерупцијата на 19 септември, лавата покрила околу 1.073 хектари од островот Ла Палма, срамнувајќи над 2.650 згради на патот. Повеќе од 7.000 жители се евакуирани.
Освен очигледната опасност што лавата ја претставува за секое живо суштество во нејзината непосредна близина, кога стопените карпи ќе допрат до морските води исто така може да почнат да испуштаат токсични гасови.
Во понеделникот властите им наредија на жителите на три крајбрежни градови да останат во затворени простории бидејќи густи облаци на пареа се издигнаа од морето. Но, заклучувањето беше укинато во средата, кога вулканските испарувања се растворија на побезбедно ниво. Сепак, на луѓето кои живеат во областа сè уште им се советуваше да носат маски FFP2.
Поради пепелта и чадот што од Кумбре Виеха одат до небото, летовите до и од Ла Палма се небезбедни.
Со ерупцијата, островот Ла Палма доби дополнителни 46 хектари откако лавата што тече во морето се олади и зацврсти.