ФОТО+ВИДЕО | „Слободен печат“ во Полска: Краков е претворен во град на хуманост

Краков, Фото: Кристина Атовска/Слободен печат

Досега од Украина избегаа речиси 3 милиони луѓе,  оценуваат Обединетите нации. Вкупно 2,95 милиони Украинци ги напуштија своите домови, а 1,8 милиони влегоа во Полска. Други отпатуваа во Унгарија, Романија и Словачка, наведува Агенцијата за бегалци на ОН. Најголем дел од бегалците, заминаа во Полска. Вториот по големина град во Полска, Краков, сега се бори со проблемот на новодојдените лица, бидејќи привременето сместување, како и засолништата, се полни.

Краков е првата дестинација на бегалците од Украина. Но и покрај големиот наплив на Украинци, градот изгледа како се во него да е наменето за да им се помогне на оние кои се обидуваат да избегаат од војната.

Краков, Фото: Кристина Атовска/Слободен печат

Луѓе пристигнуваат во секој дел од денот и ноќта, со мали деца, со своите миленици и со по само една торба во која набрзина успеале да стават неколку неопходни работи.

Краков, Фото: Кристина Атовска/Слободен печат

Бегалците во секое време имаат каде да се обратат. Пунктови со волонтери има на автобуските и железничките станици. Волонтерката со која поразговарав вели дека сите доаѓаат со различни прашања и барања. На дел од нив им е потребен превоз до друга држава, а дел од нив бараат засолниште во Полска. Волонтерите прво прашуваат колкумина се во семејството и какви се нивните потреби, а потоа ги упатуваат на вистинското место.

Краков, Фото: Кристина Атовска/Слободен печат

За Украинците кои немаат доволно пари со себе, возовите и дел од автобусите се бесплатни. Од овие точки им се обезбедува бесплатна линија и интернет за да им овозможат комуникација со најблиските. Волонтерите велат дека се обидуваат да одговорат на сите барања и дека пристигнале и лица кои немаат пасош, но и за нив постои процедура за помош.

Краков, Фото: Кристина Атовска/Слободен печат

Освен волонтерите, на клучните транспортни точки забележав и неколку други организации кои се обидуваат да им помогнат на бегалците. За оние кои не сакаат да одат далеку и се надеваат дека војната ќе заврши брзо, градот Краков има поставено билборди со кои ги известува Украинците дека има работа за нив овде.

Речиси е невозможно да поразговарате со некого без да ви дојдат солзи на очите. Реката од тажни судбини се слева на краковските станици преку кои Украинците (претежно жени, деца и стари) се обидуваат да стигнат до најблискиот роднина во друга држава

Голем број доброволци од Европа и САД тргнуваат на пат за Украина да им помогнат на луѓето кои се наоѓаат во очајна состојба поради нападите на руските оружени сили. На аеродромот во Варшава, го сретнав Ирецот Ендру кој вели дека е на пат кон Украина за да биде дел од медицинскиот тим и од украинската војска во војната против Русија. Тој од аеродромот со автобус ќе биде пренесен до Украина, каде ќе и се приклучи на војската.

Со него е и Американецот Џими од Калифорнија кој формирал група од 50-тина луѓе кој ни кажа дека одлучил да и помогне на Украина мотивиран од луѓето кои страдаат без причина.

Уште еден млад Американец од Колорадо ќе и се придружи на украинската војска за да и помогне со своето искуство.

Во меѓувреме во Украина продолжува нападот на руските оружени сили. Премиерите на Чешка, Полска и на Словенија денеска ќе патуваат за Киев, каде треба да се сретнат со претседателот Володимир Зеленски, како претставници на лидерите на Европската Унија. Информацијата утрово беше објавена на социјалните мрежи, од страна на чешкиот премиер Петр Фијала.

Целта на посетата е да се потврди недвосмислената поддршка на целата Европска унија за суверенитетот и независноста на Украина, појасни Фијала.

Украинските власти им порачаа на западните партнери да им дадат воена помош, а не да се воздржуваат од вклучување во конфликтот, ако сакаат да избегнат нова светска војна.

ВИДЕО | Нашата репортерка Атовска на лице место: Краков е град на солидарноста со бегалците

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот