ФОТО+ВИДЕО | Целосно се реконструира средното училиште „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров

Фото: Град Скопје

Увид на веќе започнатите градежни работи за целосна реконструкција и обновување на средното училиште „Кочо Рацин” во Општина Ѓорче Петров денеска извршија министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалниците на Скопје и на Ѓорче Петров, Петре Шилегов и Александар Наумовски и директорката на гимназијата, Благица Павловска.

Шилегов во своето обраќање истакна дека се работи за објект што е стар 57 години и досега на него не се вршени посериозни зафати, освен замена на дел од покривната конструкција и замена на подовите и дел од санитарните јазли во самото училиште, пред 2,5 години.

– Ова е 14. средно училиште од вкупно 23 каде што Градот Скопје во изминати 3,5 години врши целосна енергетска ефикасност на училиштата. Можеме да кажеме дека освен едно средно училиште „Владо Тасевски” во Козле, успеавме во овие 3,5 години сите училишта во Град Скопје да ги направиме енергетски ефикасни, меѓутоа и да ги подобриме условите за непречениот процес за учениците, очекувајќи дека од септември ќе можеме овде да присуствуваме и општо образованието во нашата држава на физичко присуство на учениците, додаде тој.

Фото: Град Скопје

Министерката Царовска истакна дека образованието е главен фокус на Владата, како и на МОН, бидејќи како што нагласи, без квалитетно образование не може да се има силна држава.

Таа посочи дека вложувањето во образованието бара три аспекти, програмски – подобрување на наставните програми, инфраструктурно, со тоа што се вложува во квалитетни просторни услови за квалитетно учење и подготовка на наставниците за современа настава или нивно едуцирање, со цел да ги пресретнат потребите на учениците и новото време што доаѓа.

– Токму затоа ние интензивно работиме на сите овие три фронта. Како МОН ги поддржавме општините да ги вложуваат своите финансиски средства и оние коишто доаѓаат од блок-дотации директно во подобрување на училиштата и во обука на наставниот кадар, но исто така и како Министерство имаме навистина интензивно вложување во капитални инвестиции. Затоа во Општина Ѓорче Петров, освен што Градот Скопје вложува во ова училиште, ние имаме дополнителни 50 милиони денари коишто се вложуваат во моментот во две училишта, додаде министерката.

Фото: Град Скопје

Градоначалникот Наумовски во своето обраќање истакна дека со темелното реновирање на средното училиште „Кочо Рацин”, направено од британската Влада, по земјотресот се заокружува вложувањето на капитални инвестиции во општина Ѓорче Петров.

– Во тек сме во преговори со МОН и чекајќи ги новите капитални инвестиции коишто се надевам дека по нашите информации ќе бидат некаде во август, за проектирање на нови депанданси во училиштата. Со тоа можам да констатирам дека после 30 години еве ние како генерација имаме чест и реално реализација на нешто што е најосновно, односно образованието и заштитата на нашите најмлади, додаде Наумовски.

Зафатот за реконструкција на училиштето „Кочо Рацин” чини околу 54 милиони денари, средства што Град Скопје ги издвојува од средствата за капитални инвестиции во образованието.

Фото: Град Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот