ФОТОГАЛЕРИЈА | „Златна бубамара“, весело шоу на евтина струја: Понесете ги перничињата на отворање на „Универзална“

И оваа, 26. по ред „Златна Бубамара на популарноста“ помина во знакот на актуелните случувања раскажани на оригинален начин од супердомаќините на шоуто, актерите Тино и Атанас, и многу добра музика. Ова беше уште едно весело шоу „на евтина струја“, како што се шегуваа во сценариото.

На сцената, традицинално се појави ведриот скопски лик, Ранко Петровиќ, кој е идеен творец на шоуто и го повтори годинешниот слоган на „Бубамара“- „Да штедиме и да не се штедиме“.
„Имаше забелешки дека „Бубамара“ многу трае. Вечерва ќе се потрудиме да ве пуштиме дома пред да се изгасат светилките. Се потрудивме удобно да се сместите, ви поставивме и перничиња. Понесете си ги дома и донесете ги кога Универзална сала пак ќе се отвори“, порача Ранко.

Сашко Коцев не беше водител на манифестацијата, но го спомнаа во сценариото. Неговите Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски раскажаа една интересна приказна за Македонскиот народен театар, кој според нив сега може да биде пливачки клуб, поради местата на кои прокиснува вода.
„Театарот може да биде аква парк, родителите да си ги носат децата“, рекоа актерите низ смеење. „Сашко плива грбно“, продолжија тие, а потоа, главен лик во нивната приказна (сценарио) беше министерката за култура Бисера Костадинвоска – Стојчевска. „На обиколка низ „поплавениот театар“ кој плива во вода, таа ќе сретне свои колеги, ќе се слика со сите, а ќе се појави и Игор Џамбазов, како Аквамен, со мокра коса и мокра брада“.
„Доста му беше на Игор да оди по планини, тој сега знае каде се сите риби во морето“, беше шегата направена на сметка на познатиот актер.

А Џамбазов, 26 години ја почитува традицијата и гостува на „Бубамара“, шегувајќи се секогаш и на своја сметка.
„Цел живот не знам дупка да погодам“, рече актерот, вклучувајќи го кабелот на гитарата додека свиреше со неговиот Гуру Харе. Потоа, кога ја додели наградата на лекарскиот тим кој ја изврши првата трансплантација на црн дроб кај нас, рече: „Јас немам црн дроб од 1993 година.“

Игор се присети и на починатите легенди, Катерина Крстева (Мара Попара), Марин Бабиќ кој го бранел кога сите го напаѓале во Драмски театар и Милан Завков. Во чест на музичката легенда, свиреа неговите деца како што ги викал, групата „Маестро“. Две недели пред да почине, на Завков му било соопштено дека ќе ја добие наградата за животно дело, а ја доби постхумно. Наградата ја прими неговиот брат, Тодор Завков кој посака Милан да беше тука.

По 20 години, Џамбазов се сретна со Марија Васиќ, Мис на Македонија за 2003 година, која е анестезиолог. Васиќ се појави на сцената за да додели награда и покажа дека сѐ уште одлично изгледа.
„Бубамара“ знае да ги почитува трајните вредности, па така на сцената ја видовме Блага Петреска – вистинска дама. Блага доби награда, како и Ефто Пупиновски и заедно со хорот „Мирче Ацев“ со кој диригираше Јасмина Ѓорѓеска ја испеаја „Песната е да ти каже“. Пупиновски ја посвети наградата на внуците. Награда за животно дело добија браќата Миле и Ѓорѓи Барбаровски, автори на многу безвременски фолк хитови. Наградите им ги додели Ирена Спировска.
Од Хрватска дојде Џибони, кој беше награден и настапи заедно со неговиот пријател, виртуозот на гитара Влатко Стефановски. И српскиот пејач Мирослав Илиќ доби награда, а на сцената ја испеа неговата „Божанствена жено“.

Моќен момент беше дуетот на Андријана Јаневска и Наум Петрески во „Заветна“. Но и интерпретацијата на Андријана Јаневска во чест на Славко Јаневски, додека Џамбазов ја рецитираше „Цветови“ е еден од моментите што ќе се памети.
Најголеми овации доби големиот Горан Пандев кој рече дека по осум месеци пауза, му се вратил адреналинот пред толку луѓе. Со награда се закитија и „Некст тајм“ – за албум на годината, а публиката со нив ја пееше „Налеј“. ДНК се наградени за групата на годината и направија добра журка со „Ако утре ме нема“ со Џамбо и оркестар Агушеви. „Меморија“ добија награда за група на годината, и за крај „згрмеа“ со „Оган под ѕвездите“, со двајцата пејачи на сцената Ристо Самарџиев и Поце Икономов.

Венко Андоновски со интересна приказна за времето кога самиот купил свои сто романи и станал најпродаван автор на неделата, ја доби наградата за најпопуларен писател.
„Бубамара“ ги почитува и младите пејачи, актерската и балетска уметност. Лара Трпческа доби награда за тинејџерска ѕвезда, Лара Иванова за најперспективна пејачка. „Госпоѓиците од Авињон“ за балетска претстава, „Илуминати“ од театар „Комедија“ за најпретстава. Сашка Димитровска е најпопуларна актерка, Александар Микиќ најпопуларен актер, а „Тин камп“ е најтинејџерска серија. Никола Мицевски ја доби наградата за најпопуларен композитор, а настапи заедно со „Некст тајм“.

„Златна Бубамара“ почна како скопска приказна, а стана интернационална. Вреди да се раскаже и настапот на Сатра Мејс и Кали, сеќавањето на Нина Спирова и на старо Скопје во песната „Зборувај ми за Скопје“.
И за „Бубамара“ пак ќе се зборува, секој на свој начин ќе ја оцени и ќе ја раскаже, а веќе од денеска, ќе се подготвуваат идеите за следната, 27. по ред.

Прва „Златна бубамара“ без Сашко Коцев како водител: Не стасав од презафатеност