ФОТО | Во Дебар Маало другарчињата лепат плакати од исчезнатата другарка Вања

Полицијата и понатаму прегледува снимки од безбедносните видео камери откако вчера изутрината исчезна 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, ученичка во ОУ „Ј.Х. Песталоци“. Досега на ниту една снимка не е забележано девојчето. Телефонот кој го имала со себе е исклучен. На него имало родителска апликација за следење на локацијата преку џи пи ес. Но, таа е бескорисна кога телефонот не е вклучен. Другарчињата на Вања денеска лепеа плакати во Дебар Маало со ликот на својата другарка од која од вчера изутрина нема ниту трага ниту глас. Родителите се вознемирени и шокирани, а полицијата исклучително ажурна, но без резултат. Формиран е специјален тим на највисоко ниво во СВР Скопје за расчистување на овој настан. Граѓаните се вклучуваат во потрагата самоиницијативно. Но станува збор за индивидуалци или за помали групи.

Плакат во Дебар Маало за исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска / Фото „Слободен печат“

Вчера во 7 часот и 20 минути утрото, 14 – годишната Вања Ѓорчевска, ученичка во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, излегла од дома и се упатила на настава. Но, на пат кон училиштето ѝ се губи секоја трага.

Вања не беше жртва на булинг. Немавме нарушени семејни односи и нашата фамилија нема непријатели. Цела ноќ бевме во полициска станица Беко и сите полициски единици се максимално ангажирани и затоа ми е криво што ја критикуваат полицијата.

Верувајте дека се прават но ќерка ми ја нема. Дознав дека ја нема кога класната ми кажа дека не пристигнала во училиште утрото, бидејќи тоа не е вообичаено да не дојде зашто, кога некое дете е болно пишуваме во групата. Вообичаено на училиште одат со сестричката, но таа го губеше првиот час и остана дома а Вања замина на училиште сама.

Сите опции се разгледуваат од страна на полицијата, нема насока во која не се размислува и во која не се истражува. Се претресуваше собата, сите пораки се прегледаа, компјутерот им го дадов, ништо не најдовме.

Роднини се вклучија, родителите на соучениците, камерите се разгледаа, но тие немаат поширок спектар и гледаат само блиску до бизнисите. Никаде ја нема, на ниедна снимка. Сите родители се сложни, дури и велат ајде да ги однесеме блиските другарчиња во станица, тие што ја познаваа.

Нема шанси за булинг, средината на ќерка ми е многу сложна. Помалата сестричка сега ми кажува, „мамо, лепат слики од Вања во Центар на бандери“, низ солзи и видно вознемирена и во комплетен шок и неверување изјави за „Слободен печат“ мајката на 14 годишната Вања Ѓорчевска, Зорица.

Вања носела црни панталони со странични џебови, светло син џемпер, црна кратка зимска јакна и бели „Најк“ патики со кафена лента на ѓонот. Последен пат е видена во Дебар Маало на пат кон „Песталоци“.

 

 

Доколку имате било каква информација јавете се во најблиската полициска станица.

Од МВР за „Слободен печат“ велат дека и денеска продолжуваат со интензивни активности за пронаоѓање на девојчето. Поминаа повеќе од 24 часа од нејзиното исчезнување. И загрижени граѓани на своја иницијатива ја бараат. МВР испита повеќе лица кои имале контакт со Вања.

Полицијата апелира да не се шират дезинформации. За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво. Истрагата интензивно се одвиваше и во текот на ноќта но без епилог.

Јавноста е исклучително вознемирена од настанот со оглед на тоа што се работи за исчезнато дете во еден од најфреквентните централни делови на Скопје.

Првата детска амбасада „Меѓаши“ изразува надеж дека Вања ќе биде што поскоро пронајдена. Оттаму велат дека кога се работи за исчезнати деца, најитно треба да се контактираат сите кои би можеле да ги знаат нивните места на престој и движење, полицијата да преземе деноноќна акција и потрага,  да се воспостави систем на рано предупредување и алармирање и вклучување на јавноста.

„Доколку нема резултати од таквата координирана акција итно да се вклучат и Интерпол и Европол“, велат од Меѓаши. 

Препораките од веб страната на МВР за помош во случаи на исчезнати лица може да ги прочитате овде.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот