ФОТО | Голема опасност од лавини на Шар Планина

Националниот парк Шар Планина информира дека на територијата на паркот моментално е регистрирана висока опасност од лавини, особено во планинските делови над 1.700 метри надморска височина.

Според надлежните, зголемениот ризик од лавини е резултат на комбинација од временски фактори – температурни промени, правец и јачина на ветерот, како и обилните снежни врнежи во изминатите денови. Во спој со специфичните рељефни карактеристики, овие услови доведуваат до нестабилност на снежната покривка.

Предупредувањето следува откако операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ пријавил појава на лавина на подрачјето на паркот. По пријавата, екипи на Националниот парк излегле на терен и извршиле увид, додека претходно операторот спровел пребарување со лавински уреди. Констатирано е дека нема затрупани лица и досега нема пријави за исчезнати посетители. Настанот, за среќа, поминал без човечки жртви.

Паралелно, стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планински туризам спровел експертска анализа на снежната покривка. Согласно проценката, утврден е висок степен на опасност од лавини– степен 4 според европската скала за ризик.

Од Националниот парк апелираат посетителите да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, да не се упатуваат кон повисоките делови на планината без квалификувана придружба и навремено да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот.

Стручните служби, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, ќе продолжат континуирано да ја следат состојбата и навремено да ја информираат јавноста за сите промени. Од НП Шар Планина потсетуваат дека иако зимските пејзажи се голема атракција, безбедноста и одговорното однесување мора да бидат на прво место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот