ФОТО + ВИДЕО | На 16 години ја загубила ногата поради тумор, а денес чекори по модни писти

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/ vamptemptress

Марија Матиќ е успешна девојка која и покрај ампутацијата на ногата успеала да постигне сѐ што замислила.

Марија е девојка од Косјериќ која на 16-годишна возраст поради тумор останала без едната нога. Дијагнозата на рак на коските и деновите поминати во болница ги одбележале тинејџерските години на Марија, но таа сепак не дозволила тоа да ѝ го уништи животот, пренесува „Здравје.курир“.

„Некако успевам сѐ што ќе замислам да го истуркам до крај и покрај тоа што сум инвалид. Завршив факултет, се запишав на магистратура, положив возачки испит, работам, се занимавам со манекенство, излегувам… И што е многу важно, одамна отрпнав на погледите на луѓето кои се присутни секој ден, каде и да сум. Никогаш не знаеш што има во нивната глава, но тоа не е ни важно, бидејќи енергијата што ја зрачиш ја отстранува сета „негативност“, изјавила Марија.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/ vamptemptress

Марија дипломирала на Факултетот за организациски науки, по што се одлучила за магистратура, а поради необичната животна приказна често е поканета во разни емисии.

„Мило ми е што на некој начин сум пример за луѓето, иако на крајот на краиштата се трудам да живеам сосема нормален живот. Горда сум што им ги ‘отворив очите’ на некои луѓе и им влеав доверба. Има многу слични на мене, кои од страв да не бидат прифатени сами се затвораат“, вели таа.

Марија се залага лицата со попреченост да имаат исти права како и сите останати, а кога станува збор за манекенството, тоа засега ѝ е само хоби. Моментално работи како менаџер за човечки ресурси, а за да остане во совршена форма постојано тренира.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/ vamptemptress

„Тренинзите за луѓе кои имаат протетска нога се речиси задолжителни, бидејќи ‘рбетот мора да биде стабилен, а стомачните мускули силни, за да функционираат задоволително. Со оглед на тоа што самата протеза е тешка, а ова ново колено што го добив е уште потешко од претходното, тренинзите се задолжителни“, вели Марија.

Пораката на Марија до сите е дека нема од што да се плашат. Ниту од тоа како другите ќе ги гледаат, што ќе кажат, како ќе реагираат, ниту дали ќе се вработат, дали ќе најдат стан, дали ќе одат на забава, во парк, во продавница…

„Треба да имате самодоверба и да го живеете животот онака како што сакате, да ги постигнувате своите цели и редовно да се подобрувате. Не добивате ништо од тоа што некој друг мисли за вас, навистина е така. Вие сте важни!“, вели таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот