ФОТО+ВИДЕО I Вештите раце на креативниот тим од училиштето Братство создадоа вистинска бајка: Sирнете во светот на „Децата и животните“

– Срцата ни се полнат кога гледаме колку се среќни нашите ученици кои сега можат да го користат новото еко-училишно катче кое го нарековме „Децата и животните“. Нашиот училиштен двор сега има естетско уметничка и едукативно – креативна содржина, не го кријат задоволството вработените во Основното училиште „Братство“ кое се наоѓа во срцето на Општината Карпош.

Педагогот Марина Хаџипанзова и економот Славица Ивановска раководени од директорката на училиштето Рухије Сали, поттикнати од јавниот повик на Оштина Карпош за создавање и креирање на „Најуреден еко-училиштен двор/катче“ за само неколку дена задно со наставниците и родителите и техничкиот персонал меѓу кои Невзат Лазумов и Лазе Василевски создадоа магична атмосфера исполнета со шарени цвеќиња и весели животинки.

Фото: Слободен печат/Мите Шумановски

Тие за Слободен печат велат дека се многу среќни бидејќи еко – училницата на училиштето „Братство“ е една од наградените на натпреварувачкиот повик на кој учествуваа сите десет општински училишта.

– Еко-училницата ќе ја користиме во рамките на проектот „Унапредување на писменоста и усвојување на странските јазици кај учениците преку развивање на знаења, вештини, ставови и вредности“, но и за други воннаставни активности. Исто така овој весел простор ќе се користи за реализација на наставни часови по сите предмети според потребите на соодветните наставни содржини во сите одделенија, рече директорката.

Фото: Слободен печат/Мите Шумановски

– Креативниот тим за сите изработени елементи и фигури кои го облагородуваат просторот се инспирираше од љубовта кон природата и животните. Материјалот кој го користевме е рециклиран со што всушност е задоволен еден од еко критериумите за здрава и чиста животна средина. Преку талентот и вештите раце на креаторите се создаде пријатен простор за учениците, наставниците, родителите и стручните соработници, додаде Сали и нагласи дека задоволството е уште поголемо бидејќи родителите пружија максимална помош како во донација на материјални средства така и во изработката.

Фото:Слободен печат/Мите Шумановски

Ова не е прв успех за училиштето „Братство“. Наставниците и останатите вработени за време на пандемијата вложија многу труд да го намалат психолошкиот стрес кај учениците предизвикан од пандемијата ковид-19.

Фото: Слободен печат/Мите Шумановски

Учениците, наставниците и родителите зедоа активно учество во онлајн работилници, поврзани со личниот и психо-емоционален развој кои беа реализирани од страна на еминентни психијатри и психолози во рамките на програмата „Чекор по чекор“ и УСАИД.

Фото: Слободен печат/Мите Шумановски

Исто така во соработка со Бирото за развој на образование, Македонски центар за граѓанско образование и МОФ, училиштето со тим наставници по математика, историја и стручен соработник педагог зедоа учество во реализација на ученички иницијативи за поттикнување на демоктарска клима во училиштето – Отворен ден за граѓанско образование. За таа цел учениците од 7-9 одделение учествуваа со изготвен спот на тема „Сличности и разлики меѓу децата“ со што ги изнесоа своите искази за сличностите и разликите на повеќе јазици.

Училиштето зеде активно учество во реализација на едукативни содржини преку ТВ – училница и видеолекции – Едуино со кои се истакнаа во креативноста, а исто така успеа да биде дел од меѓународниот водео спот посветен на Денот на Европа во кој учениците пеат заедно со 19 светски познати музичари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот