ФОТО | Спектакуларно откритие од средниот век: Пронајден златен прстен со ликот на Христос

Фото: Instagram / arkeologerna

Археолозите во Шведска открија спектакуларен златен прстен од средновековниот период на кој се наоѓа ликот на Христос. Артефактот е пронајден меѓу речиси 30.000 предмети откопани за време на ископувањата во градот Калмар во југоисточна Шведска, кој се наоѓа на брегот на Балтичкото Море, пишува „Њусвик“.

Во текот на две години, тим од археолози го истражуваше просторот во централен Калмар што го претставува Стариот град на градот. Овој простор, западно од замокот Калмар, бил центар на градот од почетокот на 13 век до средината на 17 век.

Фото: Instagram / arkeologerna

Ископувањата се фокусираа на околу 50 средновековни парцели, 10 улици и делови од ѕидот на Стариот град. Археолозите велат  дека е необично толку големи области да се истражуваат среде градот, а резултатите досега ги надминаа сите очекувања.

Откриени се остатоци од стотици згради, визби, улици, тоалети и предмети од периодот од 1250 до 1650 година.

„Успеавме да го подигнеме слојот на средниот век на градот и имавме можност да проучуваме како живееле луѓето, што јаделе и пиеле и како тоа се променило со текот на времето“, рекол Магнус Стибеус, археологот кој ги води ископувањата.

Фото: Instagram / arkeologerna

Помеѓу 30.000 идентификувани предмети, археолозите дошле до дури две спектакуларни откритија – златниот прстен и многу посебенa амајлија позната како „алсенгем“.

Златниот прстен, за кој се смета дека датира од почетокот на 15 век, има изрезбан лик на Христос. Со оглед на неговата форма и големина, можеби го носела жена, сугерираат археолозите.

Во меѓувреме, „алсенгемот“ е еден вид мал стаклен камен за поставување што се наоѓа и во секуларен и во религиозен контекст и за кој се верува дека го користеле аџиите како амајлии. Примерот пронајден во Калмар веројатно датира од 13 до 14 век и содржи три врежани фигури.

Фото: Instagram / arkeologerna

„Се разбира, навистина е забавно да се најде такво нешто. Златниот прстен беше во речиси недопрена состојба со мотив на Христос, а беше пронајден, како и ‘алсенгемот’, во контексти кои ги толкувавме како складирање на отпад. Веројатно некој немал среќа и го изгубил прстенот пред 500 години. ‘Алсенгемот’ е скршен и можеби затоа бил фрлен“, објаснил Стибеус.

Меѓу понеобичните наоди за време на ископувањата беа остатоците од камен со рунско писмо што можеби потекнува од гробница на гробишта што постоеле во Калмар во текот на 12 век. Ископувањата открија и докази за Калмарската војна која донела борби во градот во 1611 година. Конфликтот се водел помеѓу Данско-Норвешката унија и Шведската империја од 1611 до 1613 година.

Фото: Instagram / arkeologerna

Фактот дека толку големи делови од средновековниот град може да се истражуваат истовремено го прави проектот „уникатен“, според археолозите.

„Добиваме увид во големи делови од средновековниот град и наидуваме на траги од општественото и економското постоење на различни групи; трговци, занаетчии, државни службеници, црковни луѓе, сиромашни и богати“, додал тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот