ФОТО | Скопје го испрати Мирко Попов: „Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека младите го градат оној град во кој тој веруваше“

Фото: Приватна архива/„Слободен печат“/Драган Митрески

Попладнево се одржа комеморацијата за Мирко Попов, еден од највлијателните и најуспешни скопски музичари, композитори, текстописци, диџеи, издавачи и продуценти. На собирот во спомен на еден од пионерите на македонската електронска сцена присуствуваа членовите на семејството, но и голем број пријатели, соработници од светот на музиката и уметноста, но и почитувачи на неговиот лик и дело. Попов почина на 24 март, на 51-годишна возраст, и зад себе остави големо музичко богатство.

Настанот се одржа на малата сцена во Македонската филхармонија, која беше една од омилените сцени на Попов, каде го реализираше џез-фестивалот „Крај Вардарот џез“ и чие претстојно фестивалско издание повторно ќе се случува таму.

Македонскиот театарски режисер Синиша Евтимов, кој беше еден од најдобрите пријатели на Попов и негов долгогодишен соработник, се најде во улога на модератор на комеморацијата.

„Зборовите понекогаш се тесни да се изразат одредени деликатни емоции, но ќе се обидам накусо да го сумирам неговиот лик и дело, кој изминативе 30 години остави моќен печат на македонската музичка современа сцена“, рече тој на почетокот од својот говор и ги потсети присутните на музичките почетоци на Попов.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Попов го доби првиот диџејски ангажман во 1992, а следната година стана дел од музичката радиостаница „Канал 103“, чиј главен уредник беше од 2008 до 2010 година. Во деведесеттите години, тој се најде во епицентарот на македонската техно културна револуција и го стави Скопје на мапата на ова современо движење точно во моментот кога се случуваше. Тогаш и ја оформи групата „ПМГ колектив“, која стана водечка авангардна сила на скопските улици. Попов ја формираше „ПМГ рекордингс“ во 1998 година, која стана водечка независна дискографска куќа во земјава со над 300 изданија. Во 2017, тој почна со продукција и издавање на македонска музика на винил, вкупно 13 досега, а следен таков проект е плочата „Распеани валандовчани“ со стари македонски песни од тој крај, со која Попов сакаше да му оддаде почит на своето семејно потекло од Валандово.

„Попов е еден од ретките, кој во континуитет се грижеше на површината да испливаат надоаѓачките генерации домашни млади музичари, а одличен доказ за тоа е оваа платформа. ‘Мораме да комуницираме и да се дружиме со младите, затоа што само така вистински ќе знаеме каде оди светот и ние ќе останеме млади’, велеше Попов. Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека го градат оној град во кој тој веруваше. Тие го препознаа искрениот жар и отворениот простор на Мирко и му вратија назад со љубов и убава соработка“, изјави Евтимов.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Свое обраќање имаше и писателката Билјана Црвенковска, која сподели дека нејзиното пријателство со Попов траело цели 37 години и дека тој има силно влијание врз неа.

„Ова што го правеше за младите, за музиката и културата е само дел од една поголема слика за целосно менување на условите во кои што живееме. Тој беше голем оптимист, никогаш не се откажуваше и предаваше, се бореше и инсистираше да не се откажуваме, да не стануваме конформисти, да не легнуваме на брашното, да не си ги пакуваме куферите и да си одиме. Зошто да го направиме тоа? Ние кои се занимаваме со уметност знаеме дека уметност најдобро се твори и создава таму каде што си роден. Да, нашата генерација го имаше Мирко, но нашата генерација не е таа која го направи пресвртот што требаше да се случи. Врз основа на наследството на Мирко Попов, верувам дека таа генерација ќе дојде. Можеби тоа ќе биде генерацијата на неговата ќерка Лаика, можеби ќе чекаме до генерацијата на син му Артур, но верувам дека ќе дојде и ќе го направи тоа што тој го сакаше“, рече Црвенковска.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Александар Гавровски – Гачо од „ПМГ колектив“, го опиша Попов како негов постар брат.

„Беше ист како брат ми, но со многу повеќе улица во себе и со фанатички пристап кон музиката. За мене, тотална победа и пеколна комбинација. Со нив двајца во мојот живот, јас бев најсреќниот помал брат на светот. Но, Мирко беше постар брат на сите музички талентирани клинци или неталентирани музички фанатици како мене кои се шуњаат низ град. Отвора врата кај него дома и ти вика: ‘Копиљ, сѐ што имам јас, имаш и ти‘. Мнозинството не беше свесно за оваа негова топла човечка страна. Најмногу беше познат како диџеј, но и како куратор на светскиот крем на електронската денс сцена, Мирко беше и политичко битие, човек кој дава мислење за ова и она. Беше игнориран како автор од мнозинството и од критичката маса, која не беше свесна дека покрај ‘Скопјанка‘ и ‘Манекенки‘ тој напишал над 100 други композиции за ‘ПМГ колектив‘, ‘Кантон6‘, ‘Македониде кру‘ и ‘Мирко Попов квартет‘. Но, како издавач не можевте да го игнорирате каталогот на ‘ПМГ рекордингс‘. Ќе им недостасува на Скопје и Македонија неговата неуморна потрага по нови талентирани деца на кои ќе им ги отвори вратите и ќе им каже: ‘Еве, копиљ, сѐ што имам јас, имаш и ти‘“, кажа Гавровски.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Британските диџеи Тери Френсис, Дејв Мадерсол и Ивл Еди Ричардс, српскиот диџеј Александар Павиќ – Лале од „Хепи пипл“ и Стивен Малиндер од „Кабаре Волтер“ испратија свои пораки во чест на Попов.

Еден од најемотивните моменти на комеморацијата беше изведбата на песната „Somewhere Over the Rainbow“ од страна на хрватската група „Ниплпипл“.

Џезерите Владан и Павел Дробицки имаа свој настап во живо, а комеморацијата беше затворена со песната „After Hours“ на „ПМГ колектив“.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески
Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот