ФОТО | Селаните против багерите на Беласица: Не сте ја научиле лекцијата, не ја даваме шумата!

Со блокади и протести локалното население на струмичкото село Старо Коњарево сместено на падините на Беласица денес ја спречија работата на багерите на ЈП Национални Шуми, кои требаа да работат на пробивање на шумски пат за сечење на шума над селото.

Со протестот, кој селаните го најавија и преку социјалните мрежи, сакаат да им укажат на надлежните дека нема да дозволат работа на багерите поради тоа што градежните работи се закануваат да активираат свлечиште и да го загрозат системот за водоснабдување на селото.

Фото: ПРИВАТНА АРХИВА

Ова е почеток на долгорочна блокада против повторното активирање на градежната механизација на ЈП Македонски Шуми за пробивање на пат низ изразени ерозивни подрачја кон планината Беласица и повторна сеча на шумата над селото. Очигледно дека некој не ја научил лекцијата од пред една година кога со протести и блокади локалното население ги одбија сите настојувања на ЈП Македонски Шуми да пробие пат и да се исече шумата, се вели во соопштението на струмичкото еколошко друштво Здрава Котлина.

„Во услови кога шумите во Струмичко се сечат безмилосно до соголување, ова е навистина голема провокација и многу малку фали насекаде да ве блокираме, се додека не се изврши попис на шумата и не се утврди шумскиот инвентар во нашиот регион, зошто со голо око се гледа како снемува шума. Знаеме и знаете дека голем криминал лежи во ова“, велат од Здрава Котлина.

Фото: ПРИВАТНА АРХИВА

Обидот со багер да се пробива патот и да се предизвика штета на селото за да се сече и уништува шумата им пропадна и лани, кога градоначалникот на Ново Село Никола Андонов, пратеникот Коста Костадинов од СДСМ и тогашниот генерален директор на ЈП Македонски Шуми Зоран Ѓорѓиев се изврши увид на лице место и непосредно се утврди вистината и оправданоста на револтот на граѓаните, па тогаш од Национални Шуми се повлекоа и го напуштија селото, вели Ѓорѓи Танушев, еко активист, присутен на денешната блокада во Старо Коњарево.

Дека постои можност за појава на свлечиште и на загрозување на каптажата за вода на Горно Коњарево при изградбата на шумскиот пат, за „Слободен Печат“ потврди и директорот на струмичката подружница на ЈП Национални Шуми, Љупчо Митров. Немаме друг избор освен да ги тераме багерите од таа страна, вели Митров, бидејќи од другата страна е границата со Бугарија, но, тој смета дека и покрај ризикот селаните не требало да се спротивставуваат на плановите за експлоатација на шумата бидејќи шумското стопанство со децении ја сече шумаата на Беласица и таа, според него, денес е во многу подобра состојба одошто порано.

Фото: ПРИВАТНА АРХИВА

Над селото се сече високостеблеста шума согласно валидна шумскостопанска основа, а од таму се планира вкупно да се добијат 1400 кубни метри трупци и околу 1000 метри огревно дрво, вели директорот на струмичката подружница на Национални Шуми, но негира дека шумата се уништува бидејќи се практикува проредна, а не гола сеча. Митров потсетува и дека низ Беласица досега, за сечење на шумата се пробиени вкупно 220 километри шумски патишта и дека „нема ништо битно да сменат и тие планирани 7-8 километри над Старо Коњарево“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот