ФОТО | „Ризикувај сѐ“: Први слики од ќерката на Андреј од „ДНК“ по трагедијата
Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на пејачот Андреј од „ДНК“, објави слики од нивната ќерка Јана, за првпат по трагедијата во Кочани во која загина нејзиниот сопруг.
Препорачано
Имено, 12-годишната Јана беше со мајка си во Дизелдорф, во Германија, каде што таа беше поканета како гостинка на хуманитарниот концерт со песни од ДНК.
На концертот, во чест на познатото аренби дуо, нивни песни пееја Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Елена Андоновска, Тина Русева и Сања Лефкова.
Објавувајќи ја песната „Risk it All“ од Бруно Марс, таа сподели неколку слики од ќерка си од прошетките низ Дизелдорф.

Нашинците кои живеат и работат во Германија, од културниот центар „Македонско сонце“, организираа хуманитарен концерт за семејствата на настраданите и повредените во катастрофата во Кочани.
На Андреј Ѓорѓиески му беше доделена постхумна благодарница за посебни заслуги за зачувување и негување на македонската култура и меѓусебно помагање на Македонците, а ја прими токму Наталија.
„Момент кој понекогаш животот ќе ти го донесе, во кој гордоста и болката стојат една до друга“, напиша сопругата на Андреј во оваа објава.

„Музиката на ‘ДНК’ денес нѐ собра сите тука. Можеби лично не се познаваме, не го зборуваме истиот јазик, не живееме во иста земја, меѓутоа ја чувствуваме истата емоција. Сите ние растевме со неговите песни. Секоја беше дел од неговиот живот. За секоја песна имаше негово искуство, некоја болка, некоја радост, некоја надеж.
Она што нѐ поврзува вечерва не е само музиката на ‘ДНК’, туку и нашата култура. Сите го знаат Андреј на сцена, но јас го знаев откако ќе се симнеше од неа. Тој беше човек што сакаше силно, без задршка. Човек кој веруваше дека љубовта се покажува со дела. Беше хуман без да зборува за тоа и искрено се грижеше за сите околу него“, рече Наталија на овој концерт.


