(ФОТО) Приказна со среќен крај: Алпинисти и пожарникари од Валандово и Демир Капија спасија куче од водите на Вардар

Фото: Приватна архива

Двајца алпинисти, активисти за спасување на животни од неколку града, пожарникари и локалната самоуправа од Валандово денеска беа учесници во несекојдневна акција за спасување на куче заглавено во водите на Вардар во близина на селото Јосифово.

„Од пријателка од Скопје добив дојава дека во Вардар има заглавено куче кое не може да излезе од реката и кога отидов на лице место, во коритото на реката забележав куче, кое делуваше доста изнемоштено. Тоа немоќно стоеше во подножјето на стрмниот речен брег, неспособно да се искачи и да се спаси“, ја почнува приказната Орце Јанев од валандовското село Пирава.

Фото: Приватна архива

Јанев, кој вели дека со години е активист за спасување на животни, видел дека до локацијата на која било животното било невозможно да се симне без опрема, па се сетил да побара помош на Фејсбук групите за заштита на животните. Статусот со кој тој побара помош за спас на кучето од водите на Вардар, бргу одекна низ социјалните мрежи, па покрена возбудлива акција за спасување на кучето која заврши со среќен крај. За случајот набргу дознаа и од кабинетот на градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов, од каде ја повикаа противпожарната единица од тој град, а Орце кусо потоа го исконтактира и алпинистот Ристо Камчев кој живее во Демир Капија.

„Кога дојдовме на местото каде беше заглавено кученцето, видовме дека тоа се наоѓа на тешко пристапен, стрмно исечен брег, висок три- четири метра и дека е потребно да се симнеме со јаже“, раскажува Камчев, кој на местото пристигнал заедно со уште еден алпинист од Шведска по име Кале, кој е еден од странските качувачи кои често доаѓаат да ги качуваат карпите на Демир Капија.

Претпоставуваат дека кучето дошло или допливало неколку дена претходно, но во меѓувреме надошла повисока вода во реката и тоа останало заглавено на тесниот и стрмен брег.

Фото: Приватна архива

„Кучето беше женка, многу исплашена, се гледаше дека е исцрпена, слаба и дехидрирана, иако практично беше во река, речиси и не даваше отпор. Прво ѝ дадовме малку храна за да собере сила и за да ја стекнеме нејзината доверба. Заедно со другарот некое време седевме покрај неа. На крајот, кога нѐ прифати, таа седна на ќебенцето со кое ја обвиткавме и со помош на пожарникарите ја искачивме на безбедно“, вели Камчев.

„Нѐ повикаа од Општина Валандово за да помогнеме да се спаси кучето“, раскажува Горан Дилберовски, командирот на противпожарната бригада од Валандово. По акцијата за спасување, пожарникарите од Валандово ја прифатија кучката и ја однесоа на ветеринар, каде на кутрото животно му беше укажана помош. Дехидрирано, измачено и болно, тоа е подложено на терапија, но, велат дека прогнозите за нејзино опоравување се добри.

„Ние ќе ја прифатиме кучката кај нас во бригадата, имаме и куќичка за куче, бидејќи бригадата постојано има пес-чувар и маскота“, вели Дилберовски.

Планот е спасеното животно да остане со нив додека сосема не се опорави, а потоа ќе се обидат да ѝ најдат сигурен и топол дом.

Фото: Приватна архива

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот