ФОТО | Последна почит за загинатите во пожарот во Кочани
Во Кочани денеска ќе им биде оддадена последна почит на триесет млади кои загинаа во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“.
Препорачано
Градот е во тишина, на плоштадот има граѓани кои палат свеќи и се запишуваат во книгата на жалост. На бандерите и дрвјата можеа да се забележат некролошки листови за починатите.
Низ градот се движеа луѓе облечени во црни маици на кои пишуваше „Почивајте во мир ангели наши“.
-Многу тажен ден. Не само за Кочани, за цела Македонија. 59 фамилии останаа без деца, уништени се за навек. Сите се со големи трауми. Кочани веќе нема да е исто. Нормалното живеење нема да е исто. Ова требаше да го прават многу порано. Сите сме виновни. Ние сме виновни шо ги гласавме толку години. Еве до што не доведе таа политика и закони. Кочани е уништено. Се надеваме дека министрите ќе средат нешто, не гледам посебна вина во обезбедувањето. Претажно е, преголема загуба е – вели еден граѓанин, кој дојде да запали свеќа на плоштадот.

Погребната церемонија во Кочани ќе се одржи во 12 часот, а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна Црква -Охридска архиепископија г.г. Стефан.




Погребната церемонија ќе се одржи по посебни протоколи, а на и околу местата на погребите ќе бидат распоредени поголем број на лекарски тимови и вода за пиење.
На влезната капија на гробиштата ќе стојат свештеници од Кочани кои ќе ги пропуштат родителите со нивните најблиски. Сите останати граѓани се замолуваат да останат надвор од портите на гробиштата и достоинствено, без туркање и загрозување на својата и безбедноста на присутните да оддадат почит на настраданите.
– По завршувањето на погребната церемонија, но и следните денови, сите ужалени граѓани, постепено, еден по еден, ќе можат да отидат до вечните почивалишта на настраданите, да се помолат за нивните души, да положат цвеќе, да запалат свеќа – апелираше утринава директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.


