Плажата на кејот на Вардар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ФОТО: Покрај Вардар повторно ќе има плажа – колку тоа ќе го чини Градот овојпат?

Јас не ја градам градската плажа туку таа беше изградена во минатото, но логички е кога нешто реконструираме да го реновираме и да го доведеме во првобитна состојба, тврди градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Откако во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски се изградија две градски плажи покрај Вардар, за кои, како што се покажа подоцна залудно беа потрошени огромни пари, затоа што ниедна од нив денеска не функционира, сега градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одново ќе гради плажа.

Односно како што вели тој, не гради нова туку ќе ја обнови старата.

Плажата на кејот на Вардар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Целиот потег на кејот беше едно големо буниште и депонија. Го средуваме цел простор. Јас не ја градам градската плажа туку таа беше изградена во минатото, но логички е кога нешто реконструираме да го реновираме и да го доведеме во првобитна состојба. Знам дека многу граѓани уживаа таму во минатото – изјави Ѓорѓиевски одговарајќи на новинарско прашање на почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“ .

И за поранешниот градоначалник Трајановски градските плажи беа успешен проект. Плажата „Камени мост“ беше урната на крајот на неговиот мандат, само пет години откако беше пуштена во употреба, поради тоа што требаше да се гради Панорамското тркало и новиот мост каде требаше да биде поставено тркалото, а плажата пречеше.

Плажата на кејот на Вардар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Тој тогаш ги негираше забелешките дека плажата всушност никогаш не профункционирала како што очекувале властите.

Плажата профункционира, ако не сте биле тоа е ваш проблем. Има милион луѓе кои биле на таа плажа и уживале во неа. Тоа што сега се прави е многу поголем, позначаен, државен проект. Панорамското тркало е позначаен од плажата и ние планираме, делот од плажата кој нема да биде зафатен од мостот, пак да ја ставиме во функција – изјави Трајановски во 2017-та.

Град Скопје за изведбата на двете плажи, кои се градеа по идејно решение на авторите Бекир Адеми и Бетим Зекири, едната кај Камени мост и другата плажа во непосредна близина на градскиот стадион, која Ѓорѓиевски планира да ја обнови, според достапните документи за изградба, опремување, дополнителни работи и слично потроши повеќе 20 милиони денари. Тендерот за изградба го доби фирмата „Алкон проект“ од Скопје, а потоа со неа беа склучувани и дополнителни договориза изведба на дополнителни активности кои се појавиле при градба.

Плажата на кејот на Вардар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Градските плажи по должината на Вардар во јавноста се посочуваа како неуспешни проекти изградени во рамките на контроверзниот проект „Скопје 2014“ што го спроведуваше Владата на Никола Груевски и Град Скопје. Многубројни беа забелешките, особено за плажата „Камени мост“ каде на скопските жештини и не беше некое уживање да се седи под стреи на високите температури, особено што можност за освежување и разладување покрај матните води на реката – нема.

Ѓорѓиевски ќе ја воскреснува плажата на Вардар, кејот веќе се чисти и се уредува

Изградбата на првата плажа „Парк“ почна во јуни 2010 година, а потоа се градеше и втората наречена „Камени мост“.

Ѓорѓиевски сега ќе ја заживува плажата на кејот кај Градски парк, но нема информација колку тоа ќе го чини Град Скопје. Оттаму досега нема одговор на ова прашање, ниту за тоа какви содржини ќе има и кој ќе се грижи за нејзиното одржување. Од Градот не одговараат ни дали со оглед на фактот што претходните плажи се покажаа како неуспешни проекти, сега има план како ќе функционира оваа градска плажа за да не бидат одново залудно потрошени пари од касата на Град Скопје.

Плажата на кејот на Вардар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Сепак, градоначалникот се пофали дека покрај обновувањето на градската плажа ќе се реконструираат и сите игралишта на кејот.

Ќе продолжиме и накај Маџир Маало да ги реконструираме. Сѐ што било во минатото запуштено и запоставено, што недостоинствен изглед давало на градот ќе го поправаме во наредниот период… Реконструкција правиме на целиот тој потег, а за многу брзо во соработка со МЕПСО ќе започнеме процес на обновување и на тартан патеката на кејот на Вардар за убаво да изгледа пролетва тој дел таму – рече Ѓорѓиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот