ФОТО | Партнерката на Рики Џервејс оперирана по дијагноза на рак на дојка: „Се чувствувам необично добро“
Писателката Џејн Фалон, долгогодишна партнерка на британскиот комичар Рики Џервејс, успешно била оперирана по дијагностициран рак на дојка, откако претходно откри дека болеста ѝ е дијагностицирана во рана фаза.
Препорачано
Шеесет и петгодишната Фалон на Инстаграм потврди дека зафатот поминал добро, споделувајќи фотографии од болницата и искрена порака до своите следбеници.
„Мало известување. Голем ден. Утрово бев оперирана. Се чувствувам необично добро, што веројатно е од лековите… Очигледно, сè поминало многу добро“, напиша таа.

Во свој препознатлив стил, Фалон се пошегува и со постоперативниот процес.
„Ме држат суперлепак и разградливи конци. Компресиските чорапи мора да ги носам 48 часа, па ќе ги промовирам како нов моден тренд“, додаде таа.
Писателката откри дека сега ја очекува период на опоравување, како и резултати што ќе покажат дали целото заболено ткиво е успешно отстрането. Според нејзините зборови, постои и мала можност за дополнителен зафат.
„Сега само треба да чекам осум до десет дена за потврда дека сè е отстрането и дека рабовите се чисти“, напиша Фалон, додавајќи дека во опоравувањето ѝ прави друштво нејзината мачка Пикл, која ја нарече „најдобрата медицинска сестра“.

Веста за нејзината здравствена состојба Фалон првпат ја сподели претходно овој месец, кога откри дека ракот ѝ бил дијагностициран сосема случајно, за време на рутинска мамографија.
„Пред околу еден месец ми беше дијагностициран рак на дојка. За среќа, во многу рана фаза и прогнозата е одлична… Немав никакви симптоми, но радиологот забележа нешто сомнително“, напиша тогаш таа.
По откривањето на промената, следувале повеќе прегледи, биопсии и магнетна резонанца, со цел прецизно да се утврди проблематичната област.
Фалон тогаш призна дека целиот процес бил исцрпувачки, но нагласи дека добива одлична медицинска грижа и дека верува во позитивен исход.
Инаку, Фалон повеќе од четири децении е во врска со Рики Џервејс. Двајцата се запознале на Универзитетскиот колеџ во Лондон, а иако се заедно над 40 години, немаат планови да стапат во брак. Џервејс во повеќе наврати истакнал дека токму Фалон му е една од најголемите инспирации во кариерата.
Џејн Фалон, партнерката на Рики Џервејс, сподели дека ѝ е дијагностициран рак на дојка


