
ФОТО | Откачената ограда на мостот Гоце Делчев „виси“ над шеталиштето крај Вардар
Деловите од оградата на надворешната лента од улицата што води кон „Мавровка“ се целосно откорнати од асфалтот, превиткани и извадени, а со оглед на тоа дека меѓупросторот на двете ленти е празен, таму нема никаква конструкција, заштитната функција на оградата за возилата што се движат во таа насока е комплетно нарушена.
Заштитната ограда на мостот „Гоце Делчев“, кој е една од најфреквентните сообраќајници за минување преку Вардар, веќе подолго време е откачена на неколку критични точки. Со тоа таа ја губи основната намена за заштита на илјадниците возачи што со автомобили, автобуси и товарни возила, по вкупно шест сообраќајни ленти во двете насоки секојдневно минуваат преку мостот.
Препорачано

Екипата на „Слободен печат“ помина низ мостот и од направените фотографски кадри се гледа дека состојбата во која се наоѓа конструкцијата на заштитната ограда е навистина загрижувачка. Столбовите од оградата на надворешната лента од улицата што води кон „Мавровка“ се целосно откорнати од асфалтот, превиткани и извадени од предвидениот „калап“ каде што првично биле поставени.
Со минувањето на автомобилите, оградата се тресе и се придвижува, а просторот зад неа е слободен, нема каде да се потпре и со мал судир со оградата, шансите за таа целосно да се откачи се навистина големи. Со оглед на тоа што меѓупросторот на двете ленти е празен, таму нема никаква конструкција, при евентуален пад на оваа веќе разнишана ограда, возилата од левата страна би можело да паднат врз шеталиштето покрај реката Вардар, каде секојдневно минуваат голем број граѓани.

Мостот Гоце Делчев со неговиот специфичен изглед е една од најмодерните мостовски градби на територијата на Македонија во минатиот век. Мостот бил изграден во 1973 од градежната компанија „Пелагонија“, а средствата за неговата изградба ги донирала тогашната француска влада.
Познат по четирите лавови поставени на четири столба што гледаат во насока на објектот на Владата и два кои гледаат кон подвозниот булевар кај „Мавровка“, овој мост повеќе од една деценија од неговата реконструкција и нов изглед го прави атракција за сите туристи и посетители на главниот град. Лавовите на мостот беа поставени во 2010 година во рамките на проектот „Скопје 2014“.
Последен пат Град Скопје на овој мост изврши посериозна санација во 2019 година, кога на потегот во двата правци од мостот 40 дена беше воспоставен привремен сообраќаен режим.

Тогаш од Градот изјавија дека градежните активности завршиле успешно и во предвидениот рок и додадоа дека зафатот што бил изведен е навистина комплексен и не бил изведен во претходните 13 години. Оттаму објаснија и дека со оваа градежна активност значително се зголемила безбедноста на возачите што минуваат на мостот, но денеска таа безбедност е уште позначително загрозена поради откорнатата и превиткана заштитна ограда.
На прашањата до Град Скопје, како надлежни за одржување на овој мост, дали се запознаени со овој проблем и зошто сѐ уште нема реакција за негово санирање, тврдат дека неодамна ја санирале оградата, но дека во меѓувреме повторно е уништена.
-Во ноември 2024 година беа изведени активности за санирање на одбојната ограда на мостот „Гоце Делчев“ и истата беше доведена во првобитната состојба, но во меѓувреме е настанато повторно оштетување, од сообраќајни незгоди од движење со неприлагодена брзина за што се неопходни активности за санкционирање од страна на МВР. Од страна на екипи од ЈП „Улици и патишта“ – Скопје веќе се во подготовки за санација на одбојната ограда на мостот, за што се чека на согласност од МВР и безбедносните служби, а истата ќе биде извршена за време на викенд поради голем проток на сообраќај во текот на работната недела – велат од Градот.
