ФОТО: Општина Тетово уништи дрвја во двор од зграда за да наплаќа паркинг, граѓани велат дека тоа е узурпација

Фото: Тетово сака парк

Градежни машини ангажирани од Општина Тетово денеска соборија неколку здрави дрвја кои се наоѓаа во двор од зграда во центарот на градот. Од општината им соопштиле на станарите дека нивното дворно место се претвора во нови паркинг места, за кои ќе се наплаќа.

Револтираните станари се жалат дека со години наназад поднесувале барања за откуп на дворното место, кои им биле одбивани без образложение, за сега да сфатат дека градските власти планирале да им го узурпираат дворот. Тие велат и дека градежната компанија „Бетон“ при изградбата на зградата веќе го откупила дворот, како и дека становите ги купиле меѓу другото и затоа што со нив им следувало дворното место. Ништо од ова не вреди, велат сега тие, бидејќи дворот од зградата не го откупиле според последниот закон, што не им било дозволено, иако се обиделе.

На тоа што општинските власти почнаа да сечат дрвја и во приватни дворови, денеска реагираше граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, која се бори против бруталната бетонизација на градот од страна на здружените локални власти и „бизнисмени“.

„Нѐ убедивте дека сте можеле да го уништите и тоа малку преостанато зеленило во градот. Па, од името на граѓаните, Ве прашуваме:
– Дали местото кое до сабајлево беше со зеленило и дрвја е приватна сопственост?
– Дали станарите Ви дале согласност за сечата?
– Дали и овие дрвја беа стари и болни?
– Која е целта со сечата?
– Уште колку дрвја останаа за сечење во градот?
– До кога аматери и кусогледи луѓе ќе ги кројат општинските политики?
– Кога ќе го исечете и последното старо дрво во градот и кога ќе ги бетонирате последните тревници, како тогаш ќе обезбедувате нови паркинг места?
– Дали дури тогаш ќе сфатите дека упропастување на тие малку зелени површини во градот за да се обезбеди некое паркинг место плус, не е, и не може да биде решение за сообраќајниот метеж?“, прашуваат од граѓанската иницијатива.

Фото: Тетово сака парк

Новата општинска власт на Беса, ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Биљал Касами пред неколку месеци веќе ги разгневија граѓаните, кога беше уништен дрворед со десетици здрави дрвја, а сечата ја правдаа со реконструкцијата на улицата „Страшо Пинџур“.

Во последните денови, колабираната и презадолжена општина во која има барем двојно повеќе вработени отколку што реално е потребно, најави отворање нови паркинзи на кои ќе се наплаќа, веројатно во обид да обезбеди пари за платите и хонорарите на стотиците општински административци вработени во изминатите години и месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот