ФОТО: „Нов живот, нова надеж“ – Малата Евгенија е првото родено бебе во државата, Ѓорѓиевски ѝ посака многу здравје
Првото бебе во 2026 во државава е девојче – Евгенија, родено на полноќ на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК). Родена е со царски рез, тешка е 2,8 килограми и долга 48 сантимери и е трето дете во семејството Камчеви. Мајката е 38-гидишната Емилија Камчева.
Препорачано
Точно на полноќ, кога новата година ги отвори своите врати, Скопје ја пречека најубавата вест – се роди Евгенија Камчева, првото бебе во нашиот град, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
„Нов живот, нова надеж и силен симбол за почеток исполнет со радост и вера во иднината“ додаде тој.
На бебето му посака да расте живо и здраво, среќно со своите родители, „со успеси што ќе ја водат напред и со живот исполнет со љубов, достоинство и можности“.
„Нека расте во здраво и среќно општество, во град што ќе ѝ овозможи да сонува, да напредува и да верува. Нека оваа година биде плодна и бериќетна, година на нови животи, насмевки и радост. Нека секое новородено дете биде наша заедничка надеж и обврска, да градиме подобра иднина, посигурна држава и посилно општество. Тоа е нашата должност и наша најголема одговорност.
Искрени честитки до мајката Емилија. Посакувам здравје, среќа и многу успеси. Добредојде, Евгенија. Ти си најубавиот почеток на новата година“ порача Ѓорѓиевски.
Мајката и бебето на ГАК денеска ги посетија министрите за здравство и за социјална политика, Азир Алиу и Фатмир Лимани, заменикот за здравство Јовица Андовски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски и сопругата на премиерот, Рози Мицковска.
На полноќ се родени и две близначки во Гинекологија Чаир.


