ФОТО | Неверојатни сцени инспирирани од Тројанската војна: Откриени фрески во Помпеја кои го одземаат здивот

Фото: Profimedia

При археолошките ископувања на Помпеја, Италија кои се одвиваа во последниве 12 месеци, откриени се исклучително добро сочувани сцени од Тројанската војна. Претставите на Парис и Елена од Троја, Аполон и Касандра, Леда со лебедот се прикажани на неверојатните фрески кои ги сокриле и сочувале лавата и пепелта од вулканот, пишува Би-би-си.

Археолозите веруваат дека сцените со мотиви од Тројанската војна, на фреските во една трпезарија се некои од последните уметнички дела создадени во Помпеја, пред целиот град да исчезне при ерупцијата на Везув во 79 година.

Аполон и Касандра / Фото: Handout / AFP / Profimedia

Доминантна тема на овие фрески е херојството, се наведува во соопштението на Археолошкиот парк на Помпеја.

„Ѕидовите се обоени со црна боја за да не се гледа чадот од светилките на нив. Луѓето доаѓале овде да вечераат по зајдисонце, а треперењето на светилките создавале ефект како ликовите на фреските да се движат, особено по неколку чаши вино од Кампанија. Митолошките парови им давале идеи за разговор за минатото и животот, само на прв поглед романтичната природа на реалноста, тие го покажувале односот помеѓу поединците и судбината: Касандра која може да ја види иднината, но никој не ѝ верува, Аполон кој е со Тројанците против грчките освојувачи, но иако е бог не може да ѝ ја обезбеди победата, Елена и Парис, кои и покрај политички некоректната љубовна врска предизвикуваат војна или се само повод. Кој знае? Деновиве Елена и Парис нè претставуваат сите нас“, вели во изјавата Габријел Зактригел, директор на Археолошкиот парк на Помпеја.

На високите црни ѕидови на големата трпезарија се насликани повеќе фрески, а речиси целиот мозаичен под во просторијата содржи повеќе од милион индивидуални мали бели плочки.

Новооткриените фрески не се изработени во традиционален стил, а на нив се прикажани и Леда и лебедот, чија форма ја добил врховниот грчки бог Зевс за да ја заведе Леда, која е насликана заедно со нивната ќерка Елена во средба со Парис. Фреските го прикажуваат и Аполон со пророчицата Касандра.

Елена од Троја и слугинка се среќава со Парис / Фото: SP / Zuma Press / Profimedia

Британскиот археолог Софи Хеј изјави дека фреските се со многу висок квалитет.

Инаку, трпезаријата е откриена во последните денови од снимањето на документарниот филм наречен „Помпеја: Ново копање“, а првите делови од тој објект се пронајдени минатата година.

Леда и лебедот / Фото: SP / Zuma Press / Profimedia

Се верува дека објектот на која ѝ припаѓал трпезаријата била во сопственост на политичарот Аулус Рустиус Верус.

Фреските не можат да се поместат, па се заштитени со привремен покрив. Исто така, лепак од гипс се вбризгува и во ѕидовите зад уметничките дела за да се спречи нивното паѓање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот