Oдбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Oдбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ФОТО | Меѓународен ден на мајчиниот јазик: Да го сакаме нашиот, но и да почитуваме сечиј како да е наш

Пораки за зачувување на мајчиниот јазик, како и за тоа дека јазикот зборува за културата, вредностите и традицијата на една земја, денес беше истакнато во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, каде беше одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари.

Како што кажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, без мајчиниот јазик, не можеме да бидеме ни луѓе, тој е како матична клетка на идентитетот и на културата.

„Овој ден е посветен на љубовта, негата, грижата и на почитта на сите мајчини јазици кај нас и во светот зашто на мајчин јазик најлесно и најдобро се изразуваат радоста и тагата, чувствата и мислите“, истакна Сиљановска-Давкова.

Според претседателката, мајчиниот е јазикот на кој мајката прва го поздравила и му се израдувала на нашето раѓање, со зборот нè лекувала и бодрела, нè воспитувала. Кажа дека не им е лесно на речиси 7.000 јазици на мали народи во светот затоа што се под притисок поради јазичната нерамноправност.

Oдбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Гордана Сиљановска – Давкова на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – Фото Слободен печат – Методи Здравев

„Се соочуваме со јазични конфликти, имало и има јазична доминација, дури и јазичен империјализам. И затоа, кога исчезнува некој јазик, мора да знаеме дека згаснува нечиј живот, и тоа живот на цела нација, живот на многу луѓе, живот на многу мајки. И затоа треба битката за малите јазици да биде сериозна битка и затоа УНЕСКО тука има голем придонес. Јас се тревожам кога читам: ќе се почитува националниот и културниот идентитет и – се заборава. Не може така. Тоа е суштината. Нема поприродно нешто за мене од тоа да го сакаме, да го негуваме, да го чуваме мајчиниот јазик, но и да го почитуваме сечиј мајчин јазик како да е наш. Бидејќи токму таа енормна љубов нè обврзува истото да го мислиме и за другите. Почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност“, порача Сиљановска-Давкова.

Елена Јованова-Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, истакна дека многувековната борба за слобода, државност и признат македонски јазик нѐ научи на заемно почитување на различните култури и различните јазици.

Oдбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Oдбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – Фото Слободен печат – Методи Здравев

„Почитувањето на сопствените корени, традицијата и народната мудрост да ги преточиме во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите. Големиот Петре М. Андреевски потсетува: „Без јазикот, ќе си недостигаме самите на себе оти само јазикот никогаш не нѐ оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Зашто: „Јазикот е нашата татковина“, како што констатира Конески. Или: „Јазикот е наше духовно благо“, посочи директорката на Институтот.

Инаку, со поддршка од УНЕСКО, на 21 февруари секоја година се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, со цел да се прослават повеќе од 6.000 различни јазици што се зборуваат во светот денес. Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е ден за промовирање на лингвистичката и културната разновидност и се потенцираат важноста и уникатноста на секој јазик на планетата Земја.

Oдбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Oдбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот