Ена Веко / Фото: Фејсбук

ФОТО | Ја паметите Ена Веко? Еве како изгледа и што прави денес

Ена Веко беше една од највпечатливите и најоригинални појави на македонската музичка сцена во 1990-тите, пред ненадејно да се повлече и да го продолжи животот надвор од земјава. Деновиве, на фејсбук-страницата „ВБУ Воскресение 2025“ беше објавена нејзината стара „лична карта“ од ревијата „Екран“, што повторно го разбуди интересот за неа.

Според тогашниот профил, Ена е родена на 9 февруари 1975 година во Битола. Како омилени музички имиња ги навела Мадона, Џенет Џексон, Мајкл Џексон и Џорџ Мајкл, додека од актерите ги издвојувала Том Круз, Мел Гибсон, Џулија Робертс и Ким Бесинџер. Омилен филм ѝ бил „Танц со волците“, а на прашањето за омилено јадење изненадила со одговорот – жабји копанчиња.

„Сакам: море, сè што е убаво. Не сакам: алкохол, цигари, неискреност, љубомора“, стои во тогашната изјава.

Ена Веко, со вистинско име Елена Домазетовска, важи за првата македонска раперка и за артистка што донесе поинаков звук и енергија на домашната сцена. Нејзината кариера беше релативно кратка, но остави силен печат. Го издаде албумот „Бубачки и градски ѕверки“, а песните „Опера хаус“, „До кога вака“, „Царевата ќерка“ и „Признавам – не признавам“ и денес се паметат.

Зад нејзиниот специфичен музички израз стоеше композиторот и продуцент Тоше Поп-Симонов, кој почина на 19 април минатата година. Ена настапи и на фестивалот „Цветници“, каде се појави со покојниот Мирко Митревски и групата „Академци“.

Денес Ена живее во Сиднеј, Австралија, и изгледа сосема поинаку од периодот кога речиси секоја нејзина песна беше хит. Иако одамна не е активна на сцената, нејзиното име и понатаму предизвикува носталгија кај генерацијата што растеше со нејзиниот автентичен стил.

Фото: Социјални мрежи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот