Фотелјата на Филипче клучна за Алтернатива да седне во Владата

Венко Филипче/ Фото: Слободен печат. / Драган Митрески

Од тоа дали Алтернатива ќе го добие ресорот здравство ќе зависи и за кои други две министерства ќе се преговара. Партијата останува на позицијата дека за да влезе во Владата, ќе бара три министерски, исто толку заменик-министерски места и околу 30 директорски.

Ако премиерот Зоран Заев е подготвен да му ја отстапи фотелјата на министерот за здравство Венко Филипче на генералниот секретар на Алтернатива Беким Сали, тогаш лесно ќе падне договор за кадровските решенија и за влез на партијата на Африм Гаши во Владата, изјави за „Слободен печат“ висок функционер од опозициската Алтернатива пред денешната трета средба меѓу Заев и Гаши за окрупнување на владејачкото мнозинство и влез на Алтернатива во власта.

Од тоа дали Алтернатива ќе го добие ресорот здравство ќе зависи и за кои други две министерства ќе се преговара. Партијата останува на позицијата дека за да влезе во Владата, ќе бара три министерски, исто толку заменик-министерски места и околу 30 директорски. Според нашиот соговорник, на претходната средба помеѓу Заев и Гаши немало никакви забелешки, ниту, пак, премиерот го одбил предлогот Сали да дојде на местото на Филипче.

– Ако Заев по разговорите со владините партнери го смени ставот за ресорот здравство, можно е да пропаднат преговорите – вели нашиот извор, но други функционери од Алтернатива велат дека нема по секоја цена да се инсистира на ресорот здравство.

Алтернатива очекува Заев по консултациите со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со другите коалициски партнери, да ги соопшти ресорите што се подготвени да ги отстапат за да влезе партијата на Гаши во Владата.

Отворени за преговори, според Алтернатива, се ресорите транспорт и врски, информатичко општество, образование, труд и социјала, земјоделие и култура. Во зависност од тоа кои министерства ќе ги понуди Заев, така ќе се кројат и заменик-министерските позиции. Алтернатива останува на ставот дека идната влада треба да биде балансирана, односно отстапки за ресори освен СДСМ да направи и ДУИ и да го истурка мандатот до крај.

Неофицијално, СДСМ ги дава министерствата за образование и за култура. Нема потврда дали Заев е подготвен да го отстапи и тоа за здравство.

Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и кандидат за лидер на СДСМ, кој го придружува Заев во преговорите со Алтернатива, се надева дека Алтернатива ќе донесе позитивна одлука и дека ќе стане дел од владиното мнозинство. Бидејќи, како што рече, тоа ќе обезбеди стабилна влада, која ќе може да ги решава големите проблеми во државата, како што е пандемијата, европската енергетска криза и задржувањето на животниот стандард.

Ни од ДУИ засега нема официјална потврда колку „свои“ позиции би дале. Првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за Алсат изјави дека Алтернатива е добредојдена во власта. Зборувајќи за кадровските прашања и за министерствата што ќе ги преземе Алтернатива ако стане дел од власта, тој рече дека завршниот збор сепак ќе го има лидерот Али Ахмети.

Денешната средба помеѓу Заев и Гаши за можен влез на Алтернатива во Владата е „посветена“ на кадровските решенија, откако на претходната начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот