Фондот за здравство може им платил откуп на хакерите, а може и не

Магдалена Филиповска Грашковска/Фото: Слободен печат/Мирослава Симоновска

Директорката на Фондот за здравство Магдалена Филиповска Грашковска на денешниот брифинг со новинарите, ниту потврди, ниту пак изрично демантираше дека откупот кој хакерите го побарале, не е платен од страна на Фондот или од страна на трето лице.

Иако македонската јавност очекуваше детали за тоа што точно се случи со системот на ФЗО поради кој две недели не беа достапни здравствените податоци за над 1,8 милиони осигуреницим, без плата останаа здравствените работници, а не се исплаќаа ниту боледувањата и рефундациите, директорката Филиповска Грашковска не објасни речиси ништо за природата на хакерскиот напад, бараниот откуп и евентуалната исплата на хакерите, туку се извлекуваше дека случајот е под истрага.

Сите овие информации  ги смести во графата „класифицирано“ па така не се откри ни начинот на кој што системите магично се вратија во функција. Според информации на „Слободен печат“ хакерите барале 20 биткоини за да го дадат клучот од енкрипцијата, а дали им било платено и како системот профункционира останува податок затворен за јавноста.

Филиповска Грашковска на прес конференцијата немаше ИТ експерт покрај себе, иако рече дека во Фондот има шест ИТ експерти кои се вработени. Дополнително, не сакаше да открие колку пари се одлеале од Фондот за реставрацијата на системот, со оглед на тоа што потпишувани биле договори со странски експерти и фирми кои работеле на опоравувањето на хакираната здравствена база.

Директорот на ИТ секторот се разболел во текот на реставрацијата поради големиот притисок и стрес и се уште е на боледување. Отсутен од работа во Фондот е и директорот Фатон Ахмети кој цел хакерски напад го поминал на одмор во Америка. Одговорност Грашковска не чувствува и повикува на трпение за да заврши истрагата.

-Најважната работа која треба да се спомене тука е дека според сите анализи на ИТ експертите, нема одлевање на податоците на граѓаните. Граѓаните да се спокојни, податоците не беа украдени, тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во Фондот. Во моментов тече истрагата за сите детали, и кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации. Но, сакам да повторам, здравствените и личните податоци се безбедни и граѓаните непречено може да си ги остваруваат сите свои права. Исто така, системите на Фондот се вратени речиси во нормала и исплатени се и платите на здравствените работници, но и породилното, боледувањата и разните рефундации, рече директорката Филиповска Грашковска.

Таа се осврна на Ревизорскиот извештај за кој посочи дека имало најмногу шпекулции и недоречености.

-Сакам да посочам дека Фондот, има постапено по точките од истиот и дека ги има преземено сите потребни чекори за понатмошна заштита од вакви напади. Одговорното работење во интерес на граѓаните е наш и мој приоритет. Ние како земја не сме по ништо исклучителни во вакви напади кои се интензивираат после војната во Украина а со која трети страни целат да направат хаос во државниот систем и предизвикуваат паника и немир кај граѓаните. Сајбер нападите се случуваат и ќе се случуваат. Хибридното војување не е ново, буквално сите земји во светот се соочуваат со сајбер напад, рече директорката на ФЗО и им се заблагодари на сите вработени во Фондот како и на експертите со кои овој предизвик го надминале заеднички, со успешна приказна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот