Александар николоски / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Финансирањето од домашните банки ќе го овозможи завршувањето на автопатот Кичево – Охрид до крајот на годината, вели Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, вели дека Јавното претпријатие за државни патишта ќе добие средства по најповолни услови од пет домашни банки за завршување на изградбата на автопатот Кичево – Охрид по прекинувањето на финансирањето од кинеската Ексим банка. Николоски рече дека според првичните пресметки, потребните 175 милиони евра се обезбедени од Комерцијална банка, Стопанска банка – Скопје, НЛБ банка, Шпаркасе банка и Халк банка.

– Треба да помине владината процедура. Ни требаат уште една-две недели за да ја завршиме целата процедура и потоа ќе излеземе со точните услови, но тие се најповолни што ги има добиено кое било јавно претпријатие во Македонија – изјави Николоски пред средбата во Битола со стопанственците од Пелагонискиот Регион.

Според Николоски, со одлуката за финансирањето од домашните банки ќе се овозможи завршување на автопатот до крајот на годината.

– Ние го забрзавме, да бидам подиректен, почнавме да го работиме автопатот затоа што претходно речиси и ништо да не се работело и природно беше дека ќе се потребни средства за да се заврши. Имајќи предвид дека имаше потпишан договор со државата Кина во 2013 година и така е избран изведувачот и финансирањето требаше да оди преку нив, но постапија како што постапија, непринципиелно, и бевме доведени пред избор дали да го прекинеме проектот затоа што немало, вели, да има изведувач од нивна страна ако тие не го обезбеделе финансирањето. Но, во тој случај и онака многу време се чека за довршување на автопатот, ќе требаше дополнително да чекаме нов тендер, избор на нов изведувач и така натаму. Нашата цел е до крајот на годината да го завршиме, како што сме ветиле. И затоа решивме да продолжиме. Во однос на финансирањето, никогаш не оставаме да немаме втор план, односно план Б, го имавме планот Б уште пред да се обратиме кај нив – изјави Николоски.

Минатиот месец беше потпишан анекс број 8 на договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, во должина од 57 километри, а со кој се обезбедуваат дополнителни средства и нов рок за завршување на проектот почнат пред 11 години. Со анексот се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра, а новиот рок за завршување на автопатот е 31 мај 2027 година. Дополнителните средства се наменети за непредвидени и нови градежни работи неопходни за целосно завршување на проектот, меѓу кои санација на 14 свлечишта, обезбедување глобална стабилност на трасата, поставување еластична одбојна ограда според европскиот стандард EN 1317, изградба на контролен центар, како и изградба на дополнителни паралелни патишта.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот