Фото: НБРМ

Финансиите мора да бидат дел од образовниот систем, младите сѐ порано користат платежни сметки и картички, вели Славески

„Младите денес сѐ порано стануваат корисници на финансиски услуги, поради што финансиската едукација треба да биде системски интегрирана во образовниот процес”, истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настан посветен на финансиската писменост, организиран по повод 15 март – Меѓународниот ден за правата на потрошувачите.

Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), повеќе од две третини од младите на 15 години веќе користат финансиски производи, како што се платежни сметки или платежни картички, што според Славески покажува колку е важно тие навремено финансиски да се едуцираат.

„Во услови на брз технолошки развој, дигитализација на финансиските услуги и сè посложените финансиски производи, финансиската писменост станува неопходна вештина за секој човек. Оттука, образовните системи сè повеќе треба да ја препознаваат финансиската едукација како важен дел од наставниот процес, бидејќи таа не претставува само дополнително знаење, туку основа за одговорно и свесно управување со личните финансии“, рече Славески.

Тој нагласи дека Народната банка постојано спроведува активности за унапредување на финансиската писменост, насочени кон учениците и студентите, како и кон пошироката јавност.

„Во изминатите години се одржани бројни едукативни предавања, изработени се печатени и електронски материјали, видеосодржини и едукативни игри, како и активности преку социјалните мрежи“, рече Славески.

За гувернерот нема сомнеж дека финансиската едукација е важна, но самата по себе не е доволна за да им овозможи на граѓаните поефикасно управување со доходите, поголема финансиска сигурност и подобро планирање на иднината.

Фото: НБРМ

Поради тоа Народната банка, во соработка со банките, како што најави, ќе иницира и конкретни измени во финансискиот систем со цел тој да стане поправичен и посеопфатен. За таа цел, до Министерството за финансии веќе е поднесена иницијатива за измени во Законот за платни системи и платежни услуги, со која се предлага проширување на опфатот на платежната сметка за основни функции, што според Славески ќе овозможи пониски трошоци и бесплатни основни трансакции за граѓаните. Исто така, заедно со банките ќе се разгледа и можноста за воведување посебна штедна сметка за вонредни потреби, со стимулативни услови, со цел „да се поттикне создавање финансиска резерва кај граѓаните и да се зајакне културата на штедење“.

Пред неколку денови, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, рече дека нашето население е писмено финансиски околу 56 проценти, податок што го окарактеризира како „незадоволителен“.

Населението е писмено финансиски околу 56%, затоа со банките и со УЈП ги учиме децата како да штедат и вложуваат, вели Јаневска

„Затоа, Министерството првенствено со Бирото за развој на образование, но и со Народната банка и Министерството за финансии и УЈП, и Асоцијацијата на банки во Македонија и други институции, развива програми за најмладите од рани години да научат како да управуваат со сопствените средства или средствата кои им се на располагање, да научат да штедат, да научат да вложуваат, да научат да проценуваат ризици, да научат на кој начин да управуваат, менаџираат со сопствените средства, што во суштина претставува еден сериозен чекор за примена на знаењата во иднина кога тие навистина ќе имаат таква потреба“, рече Јаневска.

Истражувањето на Бирото за развој на образованието покажа дека учениците во Македонија имаат основно познавање, но не и како да ја применат финансиската писменост.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот