Филмскиот проект „Големата ноќ“ на Батухан Ибрахим е претставен на копродукциски форум

Креативниот тим на проектот во Трст / Фотографија: ОХО Продукција

После неколку активни сесии во изминативе пет месеци, со искусни и докажани ментори од филмската уметност, креативниот тим на краткиот филм во развој „Големата ноќ“, составен од режисерот Батухан Ибрахим, сценаристот Никола Кузелов и продуцентот Илија Тирицовски, успешно ја заврши етаблираната програма за развој на кратки играни филмови „Мидпоинт шортс“ (Midpoint Shorts) на „Мидпоинт Институт“ од Прага, Република Чешка, известија од „ОХО Продукција“.

Во периодот од 21 до 25 јануари, како дел од завршните активности во програмата, тимот учествуваше на 13-тото издание на големата копродукциска платформа „When East Meets West“ во Трст, Италија, каде го претстави филмот пред потенцијални копродуценти, дистрибутери и селектори на големите европски филмски фестивали.

Филмот е приказна за две тинејџерки кои во една вечер поминуваат низ институционална авантура, соочувајќи се со културните разлики меѓу Балканот и Западна Европа.

– Изминативе неколку месеци заедно со менторите од програмата „Мидпоинт“ поминавме низ одличен процес на развој на сценариото на филмот и подготовка на проектот за соодветна презентација пред потенцијални партнери и соработници. На „When East Meets West“ во Трст имавме одлична презентација пред стручната публика и добивме позитивни реакции од сите присутни, посебно околу визијата за филмот на Батухан Ибрахим, како млад филмски режисер со неколку успешни студентски и независни филмови зад себе. Имавме и охрабрувачки состаноци со заинтересирани партнери и селектори на фестивали, што дефинитивно ни ветува светла иднина за филмот, кога ќе биде готов – истакнува продуцентот Тирицовски.

„Мидпоинт шортс“ е комплексна програма посветена на развој на сценарија на кратки филмови во Европа, со конекции од витално значење за филмската индустрија. Со помош на искусни и докажани ментори за сценарио и професионален развој на проекти, програмата ги води проектите на нивниот пат до големите филмски фестивали.

„When East Meets West“ e еден од најголемите копродукциски филмски форуми во Европа, кој обединува десетина програми низ кои поминуваат повеќе од 50 филмови од светот кои се во развој и подготовка и во четири работни дена во Трст собира повеќе од 600 професионалци од филмската индустрија ширум светот. Голем дел од успешните филмски приказни во изминатава деценија тргнале токму од таму, соопштија од „ОХО Продукција“.

Филмот „Големата ноќ“ е во продукција на ОХО Продукција“ и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот