Сцена од филмот „Звук на паѓање“

Филмот „Звук на паѓање“ е длабоко човечко дело кое долго одекнува во меморијата на гледачот

Во кината низ земјава на 2 април почна прикажувањето на филмот „Звук на паѓање“, најновото остварување на германската режисерка Маша Шилински, кое веќе предизвика силен одек кај светската публика и критика.

Станува збор за моќна драма која ја освои наградата од жирито на Канскиот филмски фестивал и е избрана за германски кандидат за наградата Оскар во категоријата за најдобар меѓународен игран филм.

Комисијата што го направи изборот го опиша филмот како „формално бескомпромисен, емоционално егзистенцијален и уметнички уникатен“, истакнувајќи дека станува збор за дело без паралела во современата кинематографија.

Дејството на филмот, чиј оригинален наслов е „In die Sonne schauen“, се одвива на фарма во регионот Алтмарк, денес дел од германската покраина Саксонија-Анхалт. Приказната опфаќа период од еден век и ги следи животите на четири жени од различни временски епохи – Алма од 1910-тите, Ерика од 1940-тите, Ангелика од 1980-тите и Нели од 2020-тите. Нивните судбини се испреплетуваат низ неизговорени стравови, потиснати трауми и длабоко закопани семејни тајни, додека трагичен настан постојано се повторува, бришејќи ја границата меѓу минатото и сегашноста.

„Звук на паѓање“ беше избран како германски претставник во конкуренција со филмовите „Амрум“ на Фатих Акин, „Кранко“ на Јоахим А. Ланг, „Рифенштал“ на Андреас Фајел и „Тигар“ на Денис Ганцел.

По премиерата во Кан, каде што ја подели наградата од жирито со филмот „Сират“ на Оливер Лакс, ова хипнотизирачко филмско остварување доби високи оценки и од реномирани медиуми. „Индивајр“ го нарече „хипнотизирачко ремек-дело“, „Холивуд репортер“ го опиша како „заводлив и храбар портрет на женственоста“, додека „Дедлајн“ го истакна како „извонреден филм“ и „мајсторски пример на етерична и вознемирувачка брилијантност“.

Филмот веќе беше прикажан на повеќе значајни фестивали, меѓу кои Филмскиот фестивал во Шангај, Меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари и Сараевскиот филмски фестивал, додека северноамериканската премиера е закажана за Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.

По повод изборот за Оскар, режисерката Шилински изјави дека досегашното патување на филмот – од признанието во Кан до номинацијата за најпрестижната филмска награда – е доказ дека вреди да се верува во сопствената уметничка визија, изразувајќи надеж дека успехот на филмот ќе отвори простор за нови, храбри авторски пристапи.

„Звук на паѓање“ е филмско искуство што остава силен впечаток – поетично, вознемирувачко и длабоко човечко дело кое долго одекнува во меморијата на гледачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот