Филиповски: Мојата идеја беше да се издаде вонредна домашна обврзница, која би можела да биде понудена на широката инвестициска јавност

Професорот Владимир Филиповски во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше за економските политики на нашата земја за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.

-Интервенција на државата во рамките на справувањето со кризата секако дека ќе ги зголеми дефицитите на буџетот. Имаме последни проценки од страна на ММФ кои велат дека дефицитот ќе се движи околу -6% од БДП, што значи дека тоа ќе треба да се покрие и ќе креира нови потреби за финансирање на тој дефицит.

Нашата земја како мала отворена економија, со релативно мало домашно штедење, ќе биде ориентирана да мора да побара дополнителен капитал од странство. Но работата е во тоа што можеби може да се направи приооритет од кои извори ќе се финасира тој дефицит. Тоа и се прави. Најпрво се бараат допоилнителни пари од ММФ, СБ, понатаму некои фондови ќе бидат достапни во рамки на помошта која ЕУ ги дава за земји како што е Македонија и на крајот може да се оди на меѓународниот приватен пазар на капитал, каде што се издаваат еврообврзници. Но, не треба да заборавиме дека Македонија кога се задолжува, се задолжува во странска валута, а тоа ја зголемува задолженоста кон странство и еден дел од тој јавен долг кој е во странска валута е подложен на девизниот ризик, изјави Филиповски.

На прашањето дали банките се уште имаат можност и потенцијал да откупуваат државни обврзници со денарска клаузула, Филиповски вели дека сугестиите на меѓународните финасиски институции беа прво да се види потенцијалот од домашното штедење да се финасира задолжувањето на државата.

-Мојата идеја беше токму тоа. Дали може да се издаде вонредна државна обврзница – деноминирана во денари, која би можела да биде понудена на широката инвестициска јавност – што значи не само банките, туку пензиските фондови, па дури и некоја јавна понуда на граѓаните.

На прашањето што би се добило доколку се пренасочат средствата од првиот кон вториот столб во пензиски фонд, Филиповски вели дека задолжителните пензиски фондови и до сега биле значајни инвеститори кои ги откупуваа емисиите на државни хартии од вредност.

-Во последниве месеци тие по своето учество станаа поголеми и од банките. Идејата е дека практично тие, пензиските фондови, имаат ограничувања во какви инструменти можат да вложуваат. Во таа насока оние средства кои тие и така ги прибираат, би можеле да бидат дел од инвеститорската публика која што може да инвестира во нова емисија на државни хартии од вредност.

За жал оние податоци кои стигнуваат како прогнози и за САД и за Европа, па и за Кина не се многу охрабрувачки. На пример, кинеската економија регистрира пад од 6,8%, што до пред два-три месеци беше незамисливо. Тука гледаме дека ние се наоѓаме во една ситуација кога едноставно тешко може да ги доловиме сите негативни повратни врски кои функционираат и во рамките на националните економии и на глобално ниво. Кина е една од главните економии, втора по големина, но многу инволвирана во надворешно трговските текови, во пазарот на капитал. Е сега кога нешто вакво се случува таму, можете да замислите каков е тој ефект врз другите економии. За американската економија проценките се дека падот ќе биде околу 7%, за Европа дури и попесимистички. На крајот од краиштата се ќе зависи од тоа како ќе се справат здравствените власти во сите земји со пандемијата. Од времетрањето на тој одговор, ќе може да се каже дека економијата ќе може да се врати во некоја понормална ситуација, заклучува професорот Филиповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот