Филипче побара санкции кон одговорните за прекршувањето на протоколите на концертот на Петар Грашо

Венко Филипче / Фото: Слободен печат.

Организаторот на настанот, според министерот, е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ги повика надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните за еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола.

Тој на својот фејсбук профил појасни дека заедно со Комисијата за заразни болести имал средби со организаторите на настани каде ги утврдиле усвоените протоколи, според кои настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50 отсто публика од предвидениот капацитет.

„Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имавме неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50% публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 м, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител“, напиша Филипче.

Организаторот на настанот, според министерот, е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува.

„Грижата за колективното здравје е заедничка одговорност, која во овој случај треба да ја понесе организаторот на настанот. Ги повикувам надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните“, пишува Филипче на фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот