Филипче: Ќе разгледаме да ги затвориме сите паркови, следат поригорозни мерки!

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција на која информираше за состојбата со коронавирусот во Македонија, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека владата ќе ја разгледа мерката да се затворат сите паркови, како и други уште поригорозни мерки. Ова, како што најави министерот е поради тоа што сериозно голем број граѓани не ги сфаќаат сериозно апелите упатени кон нив да останат дома и да ги намалат социјалните контакти.

– И оваа мерка со парковите и други уште поригорозни мерки се спремни до владата и ќе се дискутираат попладнево. Очигледно е непридржувањето до мерките. Сериозен број граѓани овој апел и ризик не го земаат сериозно, па ќе ги заостриме мерките, најави министерот.

Редакцијата на Слободен печат доби одговор на прашањето околу терапијата за маларија, која во некои земји се покажува како успешна и за третирање на ковид 19. Македонските здравствени власти, веќе побарале од компанија во Европа, да им достави количина од ваквите лекови и очекува одговор следната недела.

-Тука се мисли на терапијата со кинин. Веќе има публикации во кои хидрохлор кининот се користи во комбинација со азитромицин група на антибиотици. Бевме контактирани вчера од меѓународното претставништво од Европа одговорно за целиот регион. И го покажавме интересот да добиеме одредена количина соодветна согласно бројот на пациенти и населението. Следната недела го очекуваме одговорот од оваа компанија, рече Филипче.

Досега во Македонија има 85 пациенти со ковид 19. Регистрирани се случаи во Скопје Дебар Гостивар, Кавадарци, Штип и Охрид. Во текот на ноќта се потврдени 9 нови случаи. Тројца од осумдесет и петте пациенти се со потешка форма на пневмонија. Пациентите на домашно лекување постојано комуницираат со инфектолозите и имаат сосем лесна клиничка слика. Стабилна лесна клиничка форма имаат и пациентите од Дебар. Здравствените работници во сите установи се подготвени и ротираат, а се третираат само итните и малигни случаи. Од денеска работи и кол центарот во здравствениот дом во Скопје за да се зголеми капацитетот на телефонските линии. Во понеделник ќе профункционираат два пункта за земање брисеви на поликлиниките Јане Сандански и Чаир каде што веќе има распределено медицински кадар.

Јавната набавка за респираторни машини не е успешна. Иако била постигната комерцијална цена од 16.000 евра ниедна фирма не можела итно да ги испорача машините, по што се одлучило набавката да се повтори.

-Состојбата со респираторни машини е добра и светските искуства покажуваат дека само на 5 проценти од пациентите им е потребна ваква поддршка, посочи министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот