Венко Филипче / Фото: Фејсбук

ВИДЕО | Филипче најави „Бомби 2.0“: Италија се справи со Коза ностра, Македонија ќе се справи со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ

Во пресрет на нови политички тензии Филипче најави дека утре ќе биде обелоденет нов скандал кој, како што рече, ги инволвира „членови на владејачката структура“. Според него, опозицијата располага со документи за сериозни злоупотреби.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави дека како партија формирале свој антикорупциски тим и дека ќе побараат помош од италијанските институции што се справувале со „Коза ностра“ со порака дека, ако можеле да се справат со нив, ние ќе можеме да се справиме со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ во нашата држава.

„Ќе поднесеме иницијатива до антикорупциските институции во Италија, кои со години и децении се бореа против најорганизираната европска мафија – Коза Ностра. Кога тие успеаја да се справат со Коза Ностра, можеме и ние во тука да се справиме со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ,“ рече претседателот на СДСМ.

Филипче откри дека антикорупцискиот тим е составен главно од млади активисти и истражувачи. Тој не откри на кој начин е формиран партискиот „тим“, со оглед на тоа што целото раководство на СДСМ, освен Филипче, неделава поднесе колективна оставка.

„Овој тим ќе ги обработува скандалите што ги гледаме секојдневно. Ќе анализира документи, ќе поднесуваме пријави до национални и меѓународни институции“, додаде тој. Најави и онлајн платформа каде граѓаните ќе може да пријавуваат сомнежи за корупција.

Филипче најави дека утре ќе биде обелоденет нов скандал кој, како што рече, инволвира „членови на владејачката структура“. Според него, опозицијата располага со документи за сериозни злоупотреби.

„Ние ги спремивме новите „Бомби 2.0“. Утре следува нов скандал. За сè имаме документација“, изјави Филипче, најавувајќи нов бран политички снимки и афери.

Филипче ја повика европската главна обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија и да се запознае со, како што рече, малверзациите што ги прави власта со европските фондови, особено со ИПАРД-програмата.

„СДСМ ја повикува Лаура Ковеши лично да се увери во злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ со европските фондови. Овде се загрозени 130 милиони евра. Наместо одговорност по апсењето на нивниот директор за Финансиска поддршка, гледаме само спинови и префрлање вина врз опозицијата“, рече Филипче.

Тој нагласи дека според нивните сознанија, злоупотребите ги вршеле луѓе блиски на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Очекуваме со ангажман на Ковеши овој скандал конечно да се расчисти. Македонија не е темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ каде може да се игра со европската иднина и парите на граѓаните“, посочи Филипче.

Филипче најави голема чистка на „Бихаќка“ – вечерва бара да си оди цел Извршен одбор на СДСМ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот