Венко Филипче / Фото: СДСМ

Филипче: Ја напуштаме само работната група за Изборниот закон, не и Собранието

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче рече дека пратеничката група на СДСМ ја напушта само работата во работната група за Изборниот закон, образложувајќи дека ќе се искористат сите демократски методи за да не се укине техничката влада. Тој на денешната прес-конференција, појасни дека не го напуштаат Собранието.

„Ние ја напуштаме само работата во работната група за Изборниот закон, поради тоа што новиот Закон за влада, што се носи на овој начин, е нешто што значи сузбивање и на демократијата во земјата. Зошто? Поради тоа што не се созреани условите да се тргне техничката влада. Ако една влада, еден закон, техничка влада, бил донесен со консензус во 2016 година, вратена повторно на лично барање на Христијан Мицкоски во 2018 година, и јасно стои во законот дека тоа ќе биде така до влегување на државата во Европска Унија“, рече Филипче.

Тој додаде дека без техничка влада не може да се гарантираат фер и демократски избори и најави дека СДСМ ќе ги искористи сите демократски методи.

„Нема гарант без техничка влада во форма како што е сега актуелна, донесена во 2016 година, тој закон за изборите и за 2020, односно повторно закон во 2018 година, тоа е единствениот гарант дека државава ќе има фер и демократски избори, а ние сме спремни да ги искористиме сите демократски методи за да се бориме против ова.“

Притоа, Филипче потенцираше дека сè што прави сега Владата на ВМРО е идентично со периодот на владеење на Никола Груевски, целосна контрола и партизација на институции, судство, медиуми.

„Се поставува прашањето зошто им се брза сега, и зошто го менуваат на начин на којшто ги слабее техничките министри? А укажуваме секојдневно дека начинот на којшто владеат е еднаков на начинот на којшто се владееше во време на Никола Груевски. Се контролираше правосудството, медиумите, се контролираше економијата, беше целосно насочена за искористување на партиските структури на ВМРО ДПМНЕ. Исто е сè, целосна политизација, контрола на полицијата“, рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот