Концертот ќе донесе звучно патување низ различни ритмички структури

Февруарската серија на Институтот „Фејм’с“ продолжува со концертот „Пронаоѓање на ритамот“

По успешното отворање на февруарската концертна серија, Институтот „Фејм’с“ продолжува со втората концертна вечер на 17 февруари во Камерната сала на Македонската филхармонија, каде ќе биде изведен проектот „Пронаоѓање на ритамот“.

Концертот претставува кулминација на интензивна едукативна програма во која учествуваат 30 внимателно селектирани млади музичари од Европа, овојпат насочена кон истражување на ритамот како клучен елемент на музичката комуникација.

Проектот „Пронаоѓање на ритамот“ се фокусира на дијалогот меѓу класичната музика и џезот, отворајќи простор за истражување на импровизацијата, ритмичката флексибилност и заедничката музичка интеракција. Во текот на повеќедневната работа, учесниците соработуваат со диригентот Тимоти Редмонд и џез-тапанарот Даглас Маринер, развивајќи нов пристап кон оркестарското музицирање во кое прецизноста и слободата се надополнуваат.

Тимоти Редмонд, диригент

Концертната програма е осмислена како звучно патување низ различни ритмички структури и музички влијанија инспирирани од џезот, блузот и урбаните музички изрази на дваесеттиот век. Наместо строга жанровска поделба, концертот нуди интеграција на традициите преку заедничкиот импулс на ритамот.

– Кога музичари од различни традиции работат заедно, ритамот станува нивниот заеднички јазик. Се работи за слушање, реакција и доверба – процес што создава вистинска сценска енергија – истакнува Тимоти Редмонд.

Даглас Маринер додава дека ваквите проекти овозможуваат автентичен дијалог меѓу жанровите, без да се изгуби нивниот индивидуален уметнички идентитет, туку напротив – да се истакне нивната комплементарност.

Даглас Маринер, тапанар

Со концертот „Пронаоѓање на ритамот“, Институтот „Фејм’с“ ја продолжува својата февруарска концертна серија, нудејќи ѝ на публиката современ модел на оркестарска едукација, во кој младите музичари стекнуваат искуство преку директна соработка со врвни интернационални уметници и сценска изведба пред публика.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 320, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.2.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот