Фетаи, Раичевиќ и Коцевски ќе ја враќаат довербата во Обвинителството

Основно јано обвинителство/ фото: Слободен печат / Драган Митрески

Со оглед дека во понеделник му завршува мандатот на Љубомир Јовески и нема време да се заврши процедурата, Советот на јавни обвинители ќе треба да назначи вршител на должност јавен обвинител, кој нема да биде на функцијата подолго од шест месеци. Рокот е пробиен зашто Собранието доцна го распиша огласот.

В понеделник, на 25 декември, истекува шестгодишниот мандат на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, а додека се избере неговиот наследник од пријавените тројца кандидати, се очекува да го замени вршител на должноста, затоа што нема доволно време до понеделник да се доврши законската процедура. На огласот за именување државен јавен обвинител што го распиша Собранието на 29 ноември се пријавиле тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.
Моментно процедурата за избор е во Владата, која извести дека ќе бара Советот на јавни обвинители да ѝ достави писмено мислење за пријавените кандидати.

Кои се кандидатите?

Обвинителката Фатиме Фетаи на јавноста ѝ е позната како поранешна обвинителка од Специјалното јавно обвинителство. Таа ги застапуваше предметите на СЈО, „Тенк“, „Титаник 2“, „Титаник 3“, а го застапуваше и обвинението во повтореното судење на убијците од масакрот кај Смилковското Езеро. По згаснувањето на СЈО, се врати во ЈО, а потоа беше избрана за виш јавен обвинител.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Фетаи вели дека мотив за кандидатурата ѝ е борбата против криминалот и корупцијата, како и тоа што смета дека е можно да се надминат предизвиците и да се врати довербата на граѓаните во правосудството.

– Учеството во борбата против криминалот и корупцијата и на тој начин давање професионален придонес во овозможување на владеењето на правото, беше мојата клучна мотивација уште при мојот прв избор за јавен обвинител во ОЈО Скопје на 26 декември 2011 година. Преку секој нареден избор и тоа во ЈО за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во 2015 година и во Вишото јавно обвинителство Скопје во 2021 година, таквата мотивација растеше во континуитет. Во состојба кога довербата во правосудството ни е на најнезавидното ниво, а причините што доведуваат до тоа можат да се надминат, предизвик ми е да застанам на чело на Јавното обвинителство на РСМ – вели Фетаи за „Слободен печат“.

Обвинителката Лидија Раичевиќ е актуелна во јавноста со предметот против ексдиректорот на Клиниката за онкологија Нино Васев кој е во судење, а ги водеше предметите за убиството на Пино Секондо, предметот „Ровер“ против ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, предметот „Еразмус“ и други. Во еден мандат беше обвинител во ЈО за гонење организиран криминал и корупција. Нејзината мотивација да се кандидира за шеф на сите обвинители произлегува од бројните проблеми кои го мачат Обвинителството.

– Се разбира најактуелни и најитни проблеми се довербата и корупцијата, но меѓу нив има и други што се вистински предизвик. На пример, организацијата на Јавното обвинителство функционира според принципите што веќе се востановени, но функционалноста на индивидуално ниво на носителите на јавнообвинителската функција мора да се зајакне, мора да се подобри и мора да се покаже во јавноста – вели Раичевиќ.

Обвинителот Љупчо Коцевски не ѝ е познат на јавноста. Тој до 2008 година бил адвокат, потоа е избран за обвинител во Вишото обвинителство Гостивар, а во јануари 2022 е унапреден како обвинител во републичкото обвинителство. Неговата мотивација е подобрување на состојбите во правосудството, а за адут го смета искуството.

– Јас повеќе години работам во повисоките структури на Јавното обвинителство и во работа на различни предмети и детаљно ги познавам состојбите и предизвиците со кои се соочува обвинителството. Тоа се моите најголеми предности поради кои сметам дека можам да одговорам на предизвикот како јавен обвинител на РСМ – вели Коцевски за „Слободен печат“.

Според Законот за јавно обвинителство, за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Јавниот обвинител го именува Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.

Која е процедурата и може ли некаде „да заглави“?

Советот на јавни обвинители има рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата за пријавените кандидати, која до Собранието ќе предложи еден од кандидатите што добил позитивно мислење. Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рокот од 15 дена не ги достави мислењата до Владата, рокот ќе се продолжи уште за 15 дена. Доколку и во овој рок Советот на јавни обвинители не достави мислења, Владата ќе смета дека мислењата се позитивни. Ако, пак, Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за кандидатите, Владата не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот.
Во Законот за јавно обвинителство не е предвиден рок во кој Владата треба да го достави предлогот до Собранието откако ќе ги добие мислењата од Советот на јавни обвинители. Ако Советот не ги изготви мислењата во првите 15 дена, па се продолжи рокот за уште 15 дена, Владата мислењата може да ги добие по еден месец отсега, после 20 јануари. Веќе на 28 јануари премиерот Димитар Ковачевски треба да поднесе оставка за да се избере техничката влада што ќе ги спроведе претседателските и парламентарни избори во април и мај, па се поставува прашањето дали техничка влада има мандат да предложи државен обвинител, кој во Собранието се избира со 61 глас. Исто така, ако Советот даде негативни мислења за тројцата кандидати, актуелната влада ќе нема доволно време да го спроведе новиот оглас до крај.
Со оглед дека во понеделник му завршува мандатот на Јовески и нема време да се заврши процедурата, Советот на јавни обвинители ќе треба да назначи вршител на должност на местото на Јовески, кој нема да биде на функцијата подолго од шест месеци. Процедурата го надмина рокот, затоа што Собранието доцна го распиша огласот, на 29 ноември, а според закон требаше да се распише најдоцна два месеца пред истекот на актуелниот мандат, односно најдоцна до 25 октомври.
Актуелниот државен обвинител Јовевски беше именуван на 25 декември 2017 година. За неговата работа во Собранието е поднесен предлог за интерпелација од група пратеници од албанската опозиција во врска со предметот за пожарот во тетовската модуларна болница во 2021 година, во кој загинаа 14 лица. Пред него обвинител беше Марко Зврлевски, кого Собранието го разреши од функцијата во август 2017 година заради несовесно работење, односно, како што истакнуваа пратениците од владејачката СДСМ „поради прикривање на криминалите извршени до функционерите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот