Филмска проекција во Центарот за култура во Битола

Фестивал на Малата школа за краток филм се одржа во Битола

Меѓународниот филмски фестивал од Нанси во соработка со НУ Центар за култура Битола, по петти пат го организираа Фестивалот на Малата школа за краток филм. Фестивал, кој исто како оригиналниот во Нанси „Festival de la petite école du film court“, каде се одржа 21-то издание, во Битола од 16 до 22 април го имаше своето 5-то издание.

Ако првите три фестивали во Битола беа прилагодени со специфична програма за македонската публика, последните две изданија се со иста програма, што дозволува да се споредуваат реакциите меѓу публиката од двете земји. Треба да се каже дека овој фестивал е исклучиво наменет за школската публика од основните училишта од 5 до 14 години, распоредени во 4 селекции, според возраста на децата.

Во Битола, за средношколците беше прикажана и специјална селекција од наградените и избрани краткометражни филмови од средношколското жири на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, со навистина храбри и актуелни содржини. Првонаградениот игран филм „На мареи“ на Леа Жад Хорлие, кој раскажува за невозможноста на девојките во Авганистан да имаат образование и воопшто за позицијата на жената во оваа земја. Слична беше и темата на документарниот филм „Потег“ на Елахе Есмаили за наметнувањето на задолжителната облека и шамија на жените и девојките во Иран, се разбира пред сегашната војна и отпорот на помладите и похрабрите и стравувањето на најблиските дека ако не се почитуваат упатствата на ајатоласите, дека тоа ќе им донесе срам. Но, никаде во кранот не пишува дека жените треба да носат шамија, превез или да бидат забулени… „Татковите писма“ анимиран документарен филм на Алексеј Евстигнеев за писмата испратени од гулагот во Сибир до неговата ќерка во Москва во 1936 или игранит филм „Нуркање“ или „Скок во вода“ на Алд Јулиано за неизвесноста во која се наоѓаат младите на почетокот на нивниот живот.

– Нашата работа придонесува за уметничко и културно образование, а нашиот пристап им помага на учениците да стекнат хуманистичка култура и да ги развијат своите вештини за критичко размислување, овозможувајќи им да изградат лично и заедничко културно разбирање преку средби со филмови – објаснува д-р Бландине Брунхес-Гламчевски, директор на фестивалот од Нанси и генерален делегат на воспитниот столб на здружението „Ај Ај Во“.

Таа во Битола, а исто така и на проекцијата во Новаци, ги анимираше сите проекции, додека за триесетина наставници од основните училишта од Битола, одржа обука на тема „Воспитување преку слика“ – филмот како специфична алатка, по што на наставниците им беа доделени сертификати за обуката. Имено МФФ од Нанси е еден од пионерите за воспитувањето преку филмот, за што има силна поддршка од францускиот Центар за филм (ЦНЦ) и Министерството за култура на Франција.

– Ова им овозможува да развијат вештини како што се анализа и разбирање на филм, расудување, јавно говорење и соработка и споделување идеи. Учениците се охрабруваат да зборуваат по проекцијата за да ги изразат своите чувства, да поставуваат прашања и да ги споделат своите перспективи за она што го разбрале, што го перцепирале, пораките што ги пренесуваат филмовите и техниките што се користат – посочува Бландине Брунхес-Гламчевски и додава: „Ние овозможуваме живи дискусии за да ги охрабриме учениците да се повлечат од сликите и да ги развијат своите вештини за критичко размислување. Тие споделуваат со своите врсници, а исто така се слушаат едни со други. Исто така, се осврнуваме на прашањето за филмските жанрови: анимација, фикција и документарец за 6-то одделение; за ученици од основно училиште: анимација, фикција, документарец и експериментален филм. Програмата има за цел да биде разновидна и по форма и по содржина.“

Сите филмови беа преведени и титлувани на македонски јазик од Тони Гламчевски, македонски новинар и преведувач, кој од 2013 година е претседател и главен селектор на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси.

Престојот во Битола беше искористен да се потпише меморандум – конвенција за соработка меѓу НУ Центар за култура Битола и Меѓународниот филмски фестивал од Нанси во областа на кинематографијата и воспитувањето преку слика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот