Фестивал „Акто“: Солидарноста е темел на иднината

Изработката на новиот мурал на фасадата на Домот на култура во населбата Ченто во Скопје е дел од програмата на јубилејното 15. издание на фестивалот за современи уметности „Акто“. Автор на муралот е младиот уметник Владимир Милиќ, а проектот е во продукција на „Факултет за работи што не се учат“ во партнерство со организацијата „Културно ехо“, Општина Гази Баба и Град Скопје.

По минатонеделното отворање на 15. „Акто“ со муралот во Битола изработен од колективот „Курс“ од Белград, фестивалот продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и со различни партнери.

Идејата за мурал во Ченто е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на Домот на култура во населбата. Муралот, пак, е развиен како неколкумесечен процес на работа на уметникот Владимир Милиќ од Ченто со пошироката локална заедница и се однесува на потенцирање на важноста на солидарноста, особено во овој дел од населбата.

Фотографија: Кристијан Караџовски

– Иницијативата за овој мурал се однесува на две линии на значења: едното е обновување и повторно ставање во функција на бетонскиот културен дом во Ченто и со тоа реобмислување на модернистичкото незаштитено културно наследство на Скопје, а вториот е потенцирањето на важноста на солидарноста на заедницата за време на поплавите на подрачјето на Општина Гази Баба, кои се случија пред четири години – велат од „Акто“.

Муралот е дел од серија што деновиве се изработува во уште пет други градови во земјава, и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани и Гевгелија, а веќе е завршен муралот во Битола, кој, за жал, беше нагрден со пораки на говор на омраза само неколку часа подоцна. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец.

Серијата мурали се реализира во соработка со „Гласен текстилец“, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; „Културно ехо“, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ – Прилеп и Јавен простор -Прилеп; Народен театар Битола; Дом на култура Ченто; Општина Гази Баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на култура „Бели мугри“ – Кочани.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 39, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11-12 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот