Јанис Варуфакис
Јанис Варуфакис/ Фото: EPA-EFE/Fernando Alvarado

Фашизам по учебник

Понудете едноставен општествен договор: ние ќе се грижиме за вас и ќе ве направиме повторно горди. Вие, за возврат, мора да ни ја препуштите апсолутната власт за да можеме, ослободени од ограничувањата што ги наметнуваше либералната држава, да ја прочистиме душата на нацијата, да го обновиме идиличното минато и да ви го вратиме чувството на моќ и супериорност.

Замислете дека фашистите, за кои верувавме дека засекогаш сме ги поразиле во средината на 20 век, во некој сеф оставиле план во форма на аманет до духовните наследници решени повторно да го направат фашизмот голем. Што би пишувало во него?

Планот би започнувал од стратегијата на плагирање на левицата. Почнете со критика на другарскиот капитализам, би препорачал. Копирајте ги левичарските аргументи против корумпираниот финансиски сектор и поддршката што му ја обезбедуваат централните банки. Потоа критикувајте го изборниот систем што се потпира на две фракции на истиот олигархиски режим, односно „сите-се-исти“.

Потоа таргетирајте ја државата поради застапување на интересите на големиот бизнис. Истовремено, повторувајте ја неолибералната мантра и претставувајте се како поголем неолиберал отколку Маргарет Тачер и Роналд Реган заедно. Вработените во државната управа прогласете ги за мрзеливи паразити што ѝ ја пијат крвта на работничката класа и така создадете јаз меѓу вработените во јавниот и во приватниот сектор.
За да го обликувате движењето, жртвите на неолиберализмот здружете ги со оние што негуваат нежни сеќавања на Тачер или Реган. За да ги свртите против неолибералните центристи, оние што политички се калеле борејќи се против левицата и неутрализирајќи ја – лидери како поранешниот британски премиер Тони Блер и поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, како и партиите што ги преобликувале додека ги предводеле – претставете ги како марксисти. За да го зацврстите тоа сојузништво, ветете враќање во некоја фиктивна Златна доба. Разгорете се зборувајќи за национална преродба чие остварување бара да се порази како декадентната буржоазија, така и предавничката левица.

Пред сè, никогаш не ја потценувајте силата на култот на расната чистота. Никој, секако, во таа смисла не е „чист“. Сите сме мешани. Но, луѓето можат да се доведат до лудачко ниво на ентузијазам ако градовите во кои живеат ги прикажете како места преполни со туѓи, опасни влијанија (американскиот претседател го преферира изразот штетници или вошки) и ако им ветите прочистување од „нечистотиите“ што како вирус се шират низ заедниците во кои живеат.

„Нечистите“ што треба да се таргетираат можат да бидат Евреи, муслимани, транс лица – секој што може лесно да се стигматизира. Ова бара душите на припадниците на обесправените делови од општеството да ги заразите со некаква морална паника, убедувајќи ги дека ќе бидат заменети со некои уште понесреќни од нив. Потоа – но дури потоа – ветете им дека ќе ги направите „повторно“ големи.

Како што вашата нова фашистичка коалиција ќе се обликува, анимирајте ја со мизогинија и ветувања дека Големиот водач – мудриот „тато“ – ќе ја доведе вашата земја во ред. Додека го правите тоа, потрудете се да алудирате на моменталната неспособност на белите мажи да ги доведат во ред сопствените домови, но добро потрудете се вината да ја префрлите на „воук“ феминизмот и никогаш немојте да ги споменувате вистинските причини што довеле до тоа (драстичните државни мерки на штедење, секјуритизацијата на домувањето и дивјачките кратења на издвојувањата за јавно образование и здравство).

Наместо тоа, понудете едноставен општествен договор: ние ќе се грижиме за вас и ќе ве направиме повторно горди. Вие, за возврат, мора да ни ја препуштите апсолутната власт за да можеме, ослободени од ограничувањата што ги наметнуваше либералната држава, да ја прочистиме душата на нацијата, да го обновиме идиличното минато и да ви го вратиме чувството на моќ и супериорност.

Погрижете се луѓето да разберат дека ова не е еднократен, привремен прекин. Прикажете ја вашата нација како баталјон во војна, во која отсуството на субординација и опонирањето претставуваат егзистенцијална закана за колективното тело на народот. Објавете дека вашето движење планира непрекинат процес на милитаризација на општеството и веднаш почнете да се залагате за огромни буџетски издвојувања за одбрана.

Истовремено, осудете ја опсесијата на леволибералната клика со глобалниот систем на управување. Ставете до знаење дека вашиот пристап е одвраќање, но и дека вашата војска ќе биде еднакво подготвена да ги контролира надворешните закани и да ја заштити нацијата од домашни „терористи“, како и да ја одбрани државната граница долж која штотуку е поставена бодликава жица под напон.

За да дојдете на власт или да ја предводите, искористете го фактот дека конзервативците и центристите повеќе се плашат од левицата отколку од вас. Прегрнете го ултранационализмот за да го исперете своето нацистичко наследство и да им станете поприфатливи. Воспоставете сојуз со нив, искористете ја нивната заблуда дека можат да ве победат во борбата за широка поддршка со застапување на „лајт“ фашизам, а кога ќе се почувствувате безбедно, отфрлете ги, преземете целосна контрола и затворете ги во истиот логор (можеби во поелегантни ќелии) во кој сте ја сместиле и левичарската толпа од која се плашеа повеќе отколку од вас.

Откако ќе дојдете на власт, прво забранете влез за сите мигранти (освен за белите супрематисти од пропаднатите апартхејд држави). За да покажете дека мислите сериозно кога ветувате дека ќе ги ловите „најнечистите“, објавете дека постојат само два рода. Формирајте преторијанска гарда чии маскирани припадници ќе ги протеруваат тие луѓе од улиците и ќе ги префрлаат во логори во земјата, како и во де факто колонии или окупирани територии. За да демонстрирате неограничена моќ, испратете јуришници на улиците на важните градови да пукаат врз луѓе и да ги тероризираат.

Кога сè ќе експлодира, погрижете се ажурираната верзија на нацртот да ја складирате за идната генерација фашисти. На крајот на краиштата, сè додека богатството на малкумина зависи од сиромаштијата на мнозинството, ќе постои потреба од фашизам.

Зад сцената зближете се со финансиските и технолошките олигарси што ги критикувавте додека бевте во опозиција. Испратете некој технолошки господар и негови послушници во државните институции за да спроведат „глејхшалтунг“ – нацистичка политика на отпуштање службеници од јавната администрација и нивна замена со послушници што ќе ги собираат дигитализираните лични податоци на граѓаните за во иднина да се користат за надзор и контрола. Помилувајте ги вашите претходно осудени сојузници, нападнете ги универзитетите, преземете ги културните центри и користете ги судовите за прогон на оние што ви се спротивставувале.

Најважно од сè, подгответе се за моментот кога вашата база ќе стане нетрпелива откако ќе сфати дека од ветувањето дека ќе се грижите за нив нема ништо, додека владејачката класа што требаше да ја ставите во ред се збогатува повеќе од кога било. Тоа е моментот кога ќе мора да се свртите кон геополитичка верзија на стратегијата „поплави ја зоната“. Истапете од мултилатералните организации. Повлечете ги потписите од меѓународните договори. Уништете го она што останало од меѓународното право. Наречете ги војните за промена на режим со вистинското име: империјални грабежи. Расфрлајте се на простачки начин, демонстрирајќи неконтролирана моќ. Пред сè, продолжете да ја ескалирате ситуацијата.

(Авторот е поранешен министер за финансии на Грција)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот