Фантастично отворање на „Танц Фест Скопје 2023“ во МНТ

На отворањето беше доделена наградата „Менада“ на универзитетите „Кодартс“ од Ротердам и „Гоце Делчев“ во Штип

По синоќешното фантастично отворање на деветнаесетото издание на „Танц Фест Скопје 2023“, под мотото „Танцувајќи создаваме иднина!“, на големата сцена на Македонскиот народен театар, програмата на втората вечер продолжува на 5 април, со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје.

На отворањето во МНТ беа доделени наградите „Менада“ за поддршка на современиот танц на Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам, Холандија, со кој „Интерарт културниот центар“ соработува 15 години и со чија поддршка е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава, и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на кој во 2017 година се вдоми Катедрата за современ танц.

Наградите ги примија директорот на танцовата компанија „Кодартс“, Кит Рандолф, кој допатува во Скопје, и проректорот за наука на универзитетот „Гоце Делчев“, професор д-р Зденка Стојановска.

По доделувањето на наградите, публиката ја проследи претставата „Таленти во движење“ на „Кодартс“ од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу Холандија и земјава. Гостувањето на оваа извонредна компанија, со млади и несекојдневно талентирани танчери, е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и донесе повеќе кореографии, од осум истакнати кореографи, како Ед Вубе, Кит Рандолф, Рој Асаф, Андонис Фонијадакис, Мациеј Кузмински, Јарек Чемерек, Лоранд Захар и Весел ван Острум.

Со настапот на интернационалниот состав од осумнаесет танчери на сцената, публиката уживаше во извонредната техника, софистицираност и експресивност, која оваа претстава ја нуди, низ пејзажи на емотивен набој и креација.

Во рамки на втората вечер на „Танц Фест 2023“, во 20 часот, во Младинскиот културен центар ќе се изведат три кореографии на автори од Италија, Романија и Словачка.

Првата кореографија со наслов „Дали е реално?“ на Гилда Федерика Цесарио од Италија, видеоматеријалите се на Андреа Базиле, а настапуваат Мартина Тондо, Росела Донато, Данило Скалинчи, Антонио Панарити и Дениз Камаса.

Следната короеграфија „Opus I-IV“, во продукција на УНАГЕ од Романија, е во режија и кореографија на Сандра Мавхима, дизајн на светло на Емилијан Андреи на музика на Богдан Маринески, костими на Анастасија Банаја и Александру Флореа, а настапуваат танчерите Хуан Круз Луке, Алина Постолаче, Бјанка Секриеру, Илинка Агафитеи и Ана Ван Харен.

Третата кореографија „Lud:Us“ е со концепт и кореографија на Јакуб Черулик, гостин од Словачка, а тој е и изведувач на кореографијата. Драматургијата е на Александра Пазгу и Јурај Корец, а дизајнот на светлото е на Мартин Пушкар.

„Танц Фест Скопје“ е поддржан од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, „Виталија“, „Бовин“ и мeдиумските партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот