Европскиот зелен бран

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Партиите на Зелените ја добиваат улогата што некогаш ја имаа социјалдемократите.

Откако просперитетниот дел на Европа ги постави прашањата на климатските промени и загадувањето на врвот на своите приоритети, партиите на Зелените во незадржлив подем ги одземаат гласовите од традиционалните партии, чија доминација слабее.

Некогаш радикално, социјално еднонасочното движење во последната деценија ги префрли еколошките проблеми од маргините во средиштето, ги прошири со други теми полињата на своето дејство и значително придонесе за сеизмичките придвижувања на политичката плоча на континентот.

Бидејќи миграциската криза е потисната во втор план, еколошките прашања отворија нов фронт на борбата помеѓу либералите и десницата, а Зелените, како нова надеж на политичката левица и центарот, добија улога на своевиден противотров на националистите и популистите.

Во Европскиот парламент, во кој се присутни од 1984 година, денес имаат речиси десет отсто пратеници, што е подем од 47 проценти. Клучно придонесоа за да се запре налетот на десничарските популисти.

Свесни дека еколошките прашања не може да се решаваат во рамките на националните граници, Зелените беа првите што уште од февруари 2004 година во Рим ја формираа Европската зелена партија. Преостанатите политички федерации, кои денес се собрани во Европскиот парламент, дури потоа го следеа примерот на тогашното собирање на 34 национални партии на Зелените.

Ограничено влијание

Во парламентот поделен на две најголеми формации – на умерената десница и на умерената левица – Зелените денес се група што влијае врз секоја одлука, која клучно придонесе новиот блок на екстремната десница да биде потиснат на четвртото место.

– Ние сме јаки во Европскиот парламент, ама не претеруваме. Со десет проценти добивате влијание, но тие и понатаму можат да решаваат и да владеат без вас и тоа најчесто и го прават – смета Филип Ламберс, копретседател на Зелените во Европскиот парламент.

Дали тоа значи дека влијанието на Зелените е преценето, како што постојано настојуваат да претстават европските десничари, на кои Зелените им се црвено платно во корида, па и на другите политичари што претчувствуваат опасност?

Нивниот подем не може да се порекне. Сметаат на тоа дека денес сите партии говорат за екологија, но укажуваат дека тие се оригиналот, а другите се копии. И додека други ги прифаќаат нивните агенди, Зелените ги прошируваат сопствените и полека се приближуваат кон политичкиот центар.

Ако гласачите би ги сметале само како активисти, а не и како сериозна партија, резултатот би бил маргинален. А не е. На локалните избори низ Европа во 2020 година постигнаа големи успеси, па имаат градоначалници на Лион, Стразбур, Марсеј, Бордо, Даблин, Ахен, Келн, Бон… Нивните блиски сојузници ги управуваат Барселона, Будимпешта и Варшава. Во Хрватска го зазедоа Загреб и го направија првиот сериозен продор на југоистокот на Европа.

Денес се малцински партнери во националните влади на Австрија, Белгија, Црна Гора, Финска, Луксембург, Република Ирска, Северна Македонија и Шведска, а седат на седниците на кабинетите на пет членки на Европската Унија.

Во трка за канцелар

Лидерката на германските Зелени, Аналена Баербок, нуди генерациски промени и во трката за местото на новиот канцелар по повлекувањето на Ангела Меркел и е во значителна предност во однос на кандидатот на владејачките конзервативци од ЦДУ-ЦСУ Армин Лашет и уште посериозна во однос на кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолц. Зелените веќе се во владите на покраините Хесе и Баден-Виртенберг.

Традиционалните партнери на Зелените, како социјалдемократите, ширум Европа долго време беа во паѓачка линија, па се создадоа и зелено-црни коалиции: некогаш радикалните активисти прагматично се пренасочија кон соработка и со партиите од умерената десница, но секогаш под услов да бидат прифатени нивните агенди, кои вклучуваат биотехнологија и климатски неутрална инфраструктура.

Успесите на социјалдемократите во Шпанија и низ скандинавските земји влеваат нов оптимизам во умерената левица, кои би ги вратила Зелените во нивниот природен хабитат и, имајќи го предвид значењето на еколошките прашања во развиените економии, на Зелените им ја дадоа улогата што некогаш ја имаа социјалдемократите.

Северозападен феномен

Под нивниот притисок, Европската Унија го најави Зелениот договор, според кој ЕУ до 2050 година би требало да биде ослободена од штетните емисии на јаглерод диоксид и би потрошила близу една третина од своите фондови на борбата против климатските промени и заштитата на човековата околина.

Новиот прагматизам на Зелените, своевидна мешавина на активности на граѓанските општества и етаблираните партии, очигледно има одѕив, иако некои нивни одлуки се неочекувани. Како, на пример, поддршката за забрана на носење исламски прекривки за глава на муслиманките во училиштата во Австрија или противењето на трошоците што ЕУ ги издвои за борбата против пандемијата.

Најголемиот проблем на Зелените е што и понатаму се европски северозападен феномен, каде што очигледно полесно ја шират новата свест за секојдневниот живот: што да се јаде, што да се облече, како да се патува, како да се грее. Во Јужна, Централна и во Источна Европа фокусот е на економијата и вработувањето.

Иако Будимпешта доби зелен градоначалник, на истокот на континентот нивната агенда не предизвикува голем интерес ни кај политичарите ни кај граѓаните. Железната завеса на континенталните поделби живее во некој трансформиран облик.

Полска не испрати за Брисел ниту еден зелен европратеник, а заедно со Естонија, Унгарија и со Република Чешка настојуваше да го блокира европскиот Зелен договор.

Зелена ера на Европа

Сепак, во земјите што не познаваат историски наследства на борбата против нуклеарните енергетски централи, што беше отскочна штица на Зелените, работите полека се менуваат. Зелените најголемата поддршка ја имаат меѓу младите, универзитетски образувани професионалци.

На Западниот Балкан тоа се токму оние што најмногу го напуштаат регионот, но за среќа ги наследуваат обични луѓе што сѐ потешко дишат, на кои им се заканува да останат без вода за пиење и наводнување, на кои ќе им одземат куќи и имот поради ризични технолошки постапки за ископување ретки метали.

Во Италија, како и во Шпанија, би можеле да направат значаен успех на европските избори во 2024 година. Но, нивните главни упоришта остануваат Германија и Франција, кои би можеле да ја исполнат желбата Зелените во идниот состав на Европскиот парламент да ги има во троцифрен број.

Пандемијата покажа колку се неопходни промените во политиката. Пандемијата ќе помине, а клучните климатски и еколошки прашања од агендата на Зелените ќе останат. Неизбежна е социјално-еколошка трансформација. Се приближува зелената ера на Европа.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот