Европски филм: Според ЕФА, филмот „Кво вадис, Аида?“ беше најдобар во 2021
Помеѓу Санденс и Берлинале, а во очекување на Оскарите, потсетуваме на најдобриот европски филм за 2021 година според Европската филмска академија.
Првиот тест на квалитетот на филмската продукција од претходната година вообичаено е Берлинскиот филмски фестивал, кој годинава ќе се одржи од 10 до 20 февруари. Веќе следната проверка ќе бидат Оскарите, а насловите на наградените ќе ги дознаеме на 27 март. Во меѓувреме потсетуваме на остварување што беше прогласено за најдобар европски филм во 2021 година.
Филмот „Кво вадис, Аида?“ во режија на Јасмила Жбаниќ ја доби наградата за најдобар филм на последната, 34-та манифестација на Европските филмски награди. Филмот минатата година беше номиниран и за Оскар. Европските награди традиционално ги доделува Европската филмска академија (ЕФА), иницијатива што ја основа нејзиниот прв претседател, шведскиот режисер Ингмар Бергман, заедно со уште 40 звучни европски имиња, меѓу кои се Бернардо Бертолучи, Клод Шаброл, Душан Макавејев и други. Настанот, што се смета за европски еквивалент на доделувањето на наградите Оскар, се одржува во различни европски градови, а секоја непарна година се одржува во Берлин.
Долгометражниот филм „Кво вадис, Аида? (Каде одиш, Аида?)“ е во режија на Босанката Јасмила Жбаниќ. Приказната е за масакрот во 1995 година во Сребреница, а Јасна Ѓуричиќ, која е главна актерка во филмот, ја добива и наградата за најдобра актерка. Во оваа тешка воена драма, Ѓуричиќ глуми преведувачка и медијатор, која со доаѓањето на српските сили очајно се обидува да ги спаси сопругот и децата во бегалски камп на Обединетите нации. Борис Исаковиќ го глуми генералот Ратко Младиќ, кој е прикажан како авторитетен и безмилосен, а во другите улоги се среќаваат Емир Хаџихафизбеговиќ и Холанѓанецот Јохан Хелденберг, кој го игра полковникот Кареманс.
Жбаниќ, која доби и награда за најдобар режисер, ја посвети наградата на храбрите жени и на нивните напори во војната. „Жените секогаш ги поправаат грешките на мажите и нѐ учат на љубов наместо на деструкција“, изјави таа. Се чини дека тешката битка сѐ уште трае. Жбаниќ, која потенцира дека злосторствата ги припишува на поединци, а не на цели етнички групи, додава дека по добивањето на наградите, српските медиуми ги претставувале и неа и Ѓуричиќ како предавници и пристрасни кон муслиманите.
На Европските филмски награди за 2021 година Наградата за најдобар актер ја доби велшкиот актер Ентони Хопкинс за улогата во филмот „Татко“, додека за истиот филм награди за најдобро сценарио добија Кристофер Хемптон и Флоријан Целер. Со антологијата „Мала секира“ за карипската заедница во 70-тите години во Лондон, британскиот режисер Стив мек Квин ја доби наградата за најуникатна приказна. Ова е втор пат ЕФА да доделува награда во оваа категорија.
Легендарната унгарска режисерка и сценаристка Марта Мезарос, која во својата шестдецениска кариера се фокусира на документарци за родовите разлики, доби награда за животно дело за својот „оригинален феминистички прогресивизам“.