Европската комисија за „Слободен печат“ потврди дека била загрижена кога Петар Богојески станал директор на Агенцијата што раководи со „Еразмус“
Европската комисија контактирала со Министерството за образование и наука и изразила загриженост за тоа што Петар Богојески бил поставен за директор на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, потврдија оттаму за „Слободен печат“. Од Европската комисија кога контактирале со МОН, загриженоста ја оправдале со потенцијален судир на интереси и етички причини, базирани на неколку законски рамки коишто се однесуваат на Агенцијата што раководи со парите од програмата на Европската Унија „Еразмус+“ наменета за поддршка во образованието, обуката, младите и спортот во државите во Европа, вклучително и земјава.
Препорачано
– Комисијата контактираше со националниот орган во Северна Македонија и изрази загриженост во врска со ова назначување, поради потенцијален судир на интереси и етички прашања, врз основа на неколку законски рамки, вклучувајќи ја Регулативата за Еразмус+, Регулативата за Европскиот солидарен корпус, Финансиската регулатива на ЕУ и Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија – изјави за „Слободен печат“ портпарол на Европската комисија.
Богојески, пак, пред 2 дена кога информираше дека со премиерот Христијан Мицкоски го надградиле коалицискиот договор и дека ќе замине на друга раководна позиција, пропушти да каже дека од Европската Комисија барале негова смена. Во соопштението до јавноста, тој дури како четврта точка го соопшти заминувањето од Агенцијата што раководи со парите на „Еразмус+“ претставувајќи го истото како регуларна рокада со кадрите во коалицијата.
„Четврто, договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски концепт, доктор Петар Богојески ќе раководи со друга институција“, наведоа од партијата во соопштение до јавноста.
Во мај годинава, Министерството за образование и наука во земјава примило писмо од Европската комисија со насоки за „Еразмус+“ чија содржина според наши потврдени информации, била сериозна и не се однесувала само на Богојески туку на многу подлабински проблеми во Агенцијата што раководи со парите од „Еразмус+“. Најголемиот дел од проблемите нотирани во тој допис, се однесувале на нерасветлените сомнежи за затекнати коруптивни и мрежни структури внатре во Агенцијата, што придонесувале таа со години да не работи согласно европските стандарди.
Содржината, според наши потврдени информации, била поврзана и со кривичната пријава за злоупотребени 2,2 милиони евра, европски пари, кои што Европската комисија ѝ ги бараше на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност да ги врати, поради сомнеж дека во минатото биле „здиплени“ и доделувани нетранспарентно од наводна корупциска мрежа за која уште нема информации дека е сузбиена а во која биле вклучени и лица од Агенцијата но и надвор од неа – евалуатори, правни и физички лица, раководни лица во одредени години итн.
Во дописот до МОН, Европската комисија изразила незадоволство што во Македонија овој корупциски скандал со европски пари е неразрешен. Но, иако се обидовме да добиеме информации од повеќе релевантни извори и иако конкретниот допис „Слободен печат“ го побара од Министерството за образование и наука, од Европската Комисија, од DG EAK (Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија) досега не го добивме. Од МОН ни рекоа дека тој е „доверлива комуникација“ и не може да го дадат. Но, од таму велат дека „писмото кое е предмет на нашето барање е во согласност и со нивните цели и визии за успешно функционирање на Националната агенција“.
„По однос на прашањето кое се однесува на враќање средства во износ од 2,2 милиони евра, информираме дека овие средства се надоместени (од Министерството за финансии н.з.) кон Европската комисија, но истите потоа се вратени од Европската комисија на располагање на Националната агенција во 2024 година. До целосно завршување на судските постапки за субјектите против кои се водат за можна злоупотреба и утврдување на одговорност, во оваа фаза нема побарувања за враќање на средствата. Во меѓувреме, сите одобрени проекти од новата календарска година се реализираат и продолжува непречено нивното финансирање од страна на Националната агенција“, велат од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“.
Меѓутоа, судска постапка нема, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција уште е во предистрага и не се знае дали воопшто ќе покрене обвинение.
Го прашавме Богојески повеќе прашања, за тоа дали буџетот на „Еразмус+“ е навремено алоциран во 2025 година во Агенцијата со која тој раководеше, дали тој има впечаток дека иднината на агенцијата е компромитирана и во ризик, за кривичната пријава за 2,2 милиони евра злоупотребени европски пари што се случи пред тој да стане директор и за наследената состојба во Агенцијата со која раководеше.
Но, Богојески ни рече дека единственото што може да го изјави е она што досега јавно го коментирал и дека останува на соопштението издадено пред два дена.
Во Европската комисија прашавме дали оттаму испратиле писмо до Министерството за образование со низа барања и услови што треба да ги исполни Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и дали некои од нив се однесувале на кривичната пријава од 2,2 милиони евра, за кои ОЛАФ посочи на злоупотреба.
„Комисијата е вклучена во понатамошен дијалог со властите во Северна Македонија. Комисијата е посветена на почитување на највисоките етички и морални стандарди во корист на сите учесници во овие програми“, ни одговорија оттаму.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска за „Слободен печат“ информираа дека оваа кривична пријава кај нив уште е во предистрага.
Таа кривична пријава во декември 2019 година ја поднесе Лидија Димова, тогашна директорка на Агенцијата за европски програми и мобилност, лично кај тогашниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Во пријавата пишува дека парите од европските фондови за „Еразмус+“ наместо да послужат за унапредување на образовните процеси во Македонија послужиле за да завршат во мрежа на 23 физички и правни лица кои ги изиграле процедурите.
„Слободен печат“ со увид во кривичната пријава дојде до заклучокот дека се работи за пријава против 23 лица и фирми (туристичка агенција, физички лица, училишта итн.). Во неа се опишува наводно добро разработена мрежа која според наводите го правела и возможното и невозможното за само една мала група да ги добие парите од „Еразмус+“. Според пријавата, за 21 проект финансиран од Европската комисија 2,2 милиони евра завршиле кај истите луѓе и тендерите ги добиле истите две фирми поврзани со овие луѓе, а за тоа имало одлична логистика. Парите од „Еразмус+“ се за подигнување на капацитетите на училиштата, но тие, според наведеното во пријавата, биле доделувани на јавни набавки, а тендерската документација била така креирана за сите пари да завршат само во 2 фирми.
Пријавата прво исчезнала во Обвинителството, па беше најдена, а оттогаш и Брисел и македонската јавност ја чекаат јавнообвинителската завршница.
Од ОЈО ГОКК и ден денешен се во предистрага.
„Во предметот за кој покажувате интерес по наредба на јавен обвинител од ОЈО ГОКК постапува Управата за финансиска полиција, обезбедена е документација за 14 од вкупно 23 проекти и истата во моментот се анализира. Истажителите од Управата за финансиска полиција се во редовна континуирана комуникација и консултација со предметниот јавен обвинител во насока на добивање на насоки за преземање на дополнителни мерки и активности што се неопходни за расветлување на случајот“, одговорија од ОЈО ГОКК за „Слободен печат“.
Министерството за образование и наука очекува управниот одбор на Националната агенција како и претходно, да спроведе постапка за избор на нов директор, кој ќе ја продолжи мисијата на институцијата, чија активност е исклучително важен дел од напорите на државата за интегрирање на македонскиот образовен систем во европскиот образовен простор.
Министерството за образование и наука има добра соработка и редовна комуникација со образовните и научните институции и тела во рамки на Европската комисија, вклучително и за работата на Националната агенција, со оглед дека МОН е национален авторитет, односно законски застапник за оваа институција пред Унијата. Благодарни сме за насоките и големата поддршка која ја добиваме од нивна страна за остварување на стратешката цел, велат од Министерството за „Слободен печат“.


