Европската комисија предложи 100 милиони евра помош за Македонија, се чека одлука од Советот на ЕУ

европски парламент европа знамиња европски знамиња на европа
Знамиња на земјите-членки на ЕУ / EPA-EFE/PATRICK SEEGER

Европската комисија вчера предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија со што ќе покажат дека Комисијата стои до Северна Македонија во тешки времиња, со оглед дека по руската агресија врз Украина надворешниот платен биланс се влоши поради големата зависност од увоз на горива и струја.

Според Комисијата, предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја фискалната одржливост и структурните реформи. Денешниот предлог е во рамки на 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во вредност до 530 милиони евра.
Како што информираат од Европската комисија информираат, помошта би била во форма на заеми, кои ќе се исплатат на две рати.

„Овие две плаќања би биле условени со спроведување на политичките мерки кои треба да се договорат меѓу Северна Македонија и ЕУ со Меморандум за разбирање. Меморандумот за разбирање најверојатно ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, судските реформи и борбата против корупцијата. Плаќањата, исто така, би биле условени со позитивни резултати во спроведувањето на програмата на ММФ. Овие реформи ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ“, велат од ЕК.

Инаку, макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со соседните партнери и партнерите за проширување, и е наменета како инструмент за одговор на кризи. Со неа се покажува солидарноста на ЕУ со овие партнери и поддршката на ефективни политики во време на криза.

„Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме макрофинансиска помош до 100 милиони евра за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

И еврокомесарот Вархеји во објава на Твитер наведува дека „во овие предизвикувачки социо-економски времиња, Комисијата стои на страната на Македонија со својот предлог да обезбеди макрофинансиска помош до 100 милиони евра за земјата“.

– Тоа е уште еден доказ за нашата посветеност дека стоиме со нашите партнери, нагласува Вархеји.

Нареден чекор е Европскиот парламент и Советот да размислат и да го прифатат предлогот по што истиот ќе стапи на сила и ќе отпочнат плаќањата според услови што ќе бидат наведени во Меморандумот за разбирање.

Инаку макроекономската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со соседите и партнерите во проширувањето кои се соочуваат со проблеми во платните биланси и ја покажува солидарноста со овие партнери.

Во април 2020 година Комисијата усвои предлог за пакет макрофинансиска помош од 3 милијарди евра за 10 земји партнери како помош за справување со економските проблеми предизвикани од пандемијата на корона-вирусот. Европскиот парламент и Советот на ЕУ донесоа одлука во мај 2020 година, а како дел од овој пакет Македонија доби 160 милиони евра. Првата транша од 80 милиони евра беше префрлена во октомври 2020 година, а вторите 80 милиони евра во јуни 2021 година откако Комисијата позитивно се произнесе за напредокот во исполнувањето на условите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот