Бебешка храна / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Европска реакција по скандалот со бебешката храна, системот на тест

Kонтаминацијата со церулид не е изолиран инцидент, туку последица на концентрирани и недоволно транспарентни глобални синџири на снабдување. Економската ефикасност и намалувањето на трошоците ја зголемиле системската ранливост, особено кај чувствителни производи како бебешката храна. Европската реакција доаѓа дури откако ризикот веќе се материјализирал.

Скандалот со контаминирана бебешка храна со токсичната супстанца церулид повеќе не е само здравствен инцидент, туку јасен показател за слабостите на глобалниот систем на производство на храна. Она што започна како изолиран лабораториски наод во Холандија, денес е европски проблем со пријавени случаи во најмалку седум држави. Во Австрија досега се потврдени девет случаи на сомнеж за труење кај бебиња, од кои три завршиле со болничко лекување. Сите деца се опоравени, но прашањето останува, како токсин кој не може да се уништи со топлина, ниту да се отстрани со стандардни филтрации, успеал да влезе во синџирот на снабдување со производи наменети за најранливата група потрошувачи.

„Нестле“ повлекува бебешка формула низ Европа поради ризик од токсини – Слободен печат

Изворот на проблемот води кон производствен капацитет во кинескиот град Вухан, од каде повеќе компании набавувале арахидонска киселина во форма на масло, познато како АPА масло. Овој додаток е важен за развојот на мозокот и имунитетот кај доенчињата и е дел од формулите на големи производители како Нестле, Даноне и Лакталис. Токсинот церулид го создава бактеријата Bacillus cereus и е исклучително стабилен. Доколку еднаш влезе во производствениот процес, практично е невозможно да се отстрани. Дополнителен проблем е што тестирањето за церулид досега не било дел од стандардниот скрининг во индустријата, делумно поради недостиг на јасно дефинирани гранични вредности. Дури по избивањето на случајот, Европската агенција за безбедност на храна за првпат утврди референтни вредности.

Глобални синџири, концентриран ризик

Фактот што осум производители во повеќе од шеесет земји користеле состојка од ист извор не е случајност, туку резултат на економска логика. Производството на специфични нутритивни додатоци е концентрирано на неколку локации во светот, бидејќи тоа ги намалува трошоците и ја зголемува профитабилноста. Но истата таа концентрација значи дека еден пропуст има глобален дострел. Кога контаминацијата се случува во рана фаза од синџирот, последиците се мултиплицираат.

Дополнително, транспарентноста во синџирите на снабдување е ограничена. Компаниите обично ги познаваат своите директни добавувачи, но ретко имаат целосен увид во добавувачите на своите добавувачи. Само мал процент од компаниите можат целосно да ја следат патеката на суровината до нејзиниот извор. Во ваков систем, ризикот станува структурна карактеристика, а не исклучок.

Правно, одговорноста е на производителите. Државните институции вршат контроли по случаен избор, но не постои механизам за целосно тестирање на секоја суровина. Теоретски тоа е возможно, но би значело драматично зголемување на цената. Тука се отвора тешката дилема меѓу безбедноста и достапноста. Бебешката храна мора да биде максимално сигурна, но истовремено и финансиски достапна за широк слој на населението. Секоја дополнителна лабораториска анализа значи повисоки трошоци, кои на крај ги плаќаат родителите.

Европска реакција и институционален притисок

По проширувањето на скандалот, Европската комисија воведе засилени контроли. Отсега, арахидонската киселина во масло од Кина може да се увезува во Европската Унија само со лабораториски сертификат дека е тестирана на церулид. Царинските служби треба да проверуваат половина од сите пратки. Ова е индиректно признание дека претходниот систем на контрола не бил доволен.

Бебешката формула „аптамил“ се повлекува во десетици земји, Франција истражува смрт на две бебиња – Слободен печат

Во Австрија, Министерството за здравство и Агенцијата за здравје и безбедност на храна потврдија дека токсинот е тешко докажлив во организмот по одредено време, па проценката се темели на симптоми, временска поврзаност и консумација на повлечени серии. Тестирањето ќе продолжи до април како мерка на претпазливост.

Организацијата Фудвоч остро ја критикуваше индустријата, тврдејќи дека компаниите не ја исполниле својата основна обврска да ја гарантираат безбедноста на состојките. Според нив, недозволиво е националните власти да ја преземаат контролната улога затоа што мултинационални корпорации не воспоставиле доволно строги проверки. Дополнителна политичка димензија внесе и одбивањето на кинеските власти да соработуваат на состанок со европската делегација, по што Брисел реши да воведе поостри мерки.

Скандалот со церулид не е само приказна за една контаминирана суровина. Тој е симптом на систем во кој економската ефикасност има предност пред превентивната сигурност. Додека полиците во маркетите се полни, системот изгледа стабилен. Но кога ќе се појави дефект во една точка, станува јасно колку е кревка рамнотежата меѓу глобалната трговија, профитот и здравјето. Прашањето не е дали ваков случај повторно ќе се случи, туку дали европските институции и самата индустрија навистина научија нешто од ова предупредување.

Се повлекува бебешката храна „аптамил“ – тие што веќе ја купиле да ја вратат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот