Европол урна мега-империја на лажни лекови и суплементи: Жртви со сериозни дијагнози се откажале од терапијата што им ја препишал лекар и се прелажале

Евроџаст и Европол координираа масовна акција во 15 држави и сузбија опасна криминална група што измамила жртви низ цела Европа и пошироко, продавајќи им лажни додатоци во исхраната и лекови. Групата тврдела дека продава легитимни лекови за сериозни дијагнози, но тоа не било точно и генерирале фрапантни 240 милиони евра во нелегални трансакции од пациенти.

На 12 мај во вторникот, координираната акција на истражните органи во 15 европски држави, резултираше со собирање важни докази, притворање на некои од главните членови на групата и запленување на големи залихи на суплементи. Евроџаст и Европол ги поддржаа истрагите од самиот почеток, обезбедувајќи ефикасна и ефективна соработка меѓу 15-те земји.

Жртвите престанале да земаат лекови препишани од доктор, и му поверувале на надрилекарството

 

Од 2019 година, групата работела на професионален, хиерархиски начин. Тие основале компании преку кои пласирале на пазарот додатоци во исхраната кои не биле со овластување за продажба. Криминалната група продала над 400 видови на додатоци во исхраната со различни имиња. За таа цел, мрежа од виртуелни продавачи на стотици веб-страници и страници на социјалните мрежи, лажно се претставувала користејќи имиња и слики од познати луѓе и лекари за да ги доведе во заблуда жртвите од цела Европска Унија и пошироко. Криминалната група ги обучила своите соработници да креираат лажни профили на социјалните мрежи и да ги направат да изгледаат легитимно.

Откако жртвите ќе пополнеле формулар на една од веб-страниците, криминалната група ги контактирала преку еден од операторите во кол-центарот. Претставувајќи се како лекари или медицински професионалци, операторите тврделе дека нивните додатоци во исхраната се вистински третмани за неизлечиви или сериозни болести. Додатоците дистрибуирани од криминалците немале никаков ефект врз човечкото тело и сите содржеле слични состојки, и покрај тоа што лажно се тврдело дека лекуваат различни болести. Со доведување во заблуда на жртвите со овие лажни лекови, криминалната група предизвикала сериозна штета. Истрагата откри дека жртвите престанале да го земаат препишаниот третман од нивниот лекар. Секогаш кога некој производ ќе акумулирал премногу поплаки, тој едноставно бил ребрендиран и повторно се лансирал во продажба, информираше Евроџаст.

Откако жртвите алармирале за измама, романските власти први ја заапочнале истрагата за криминалната група и откриле голема меѓународна мрежа што работи низ цела Европа. Криминалната група користела легитимни компании од цела Европа за да ги извршува своите операции. Меѓународната судска соработка била од суштинско значење за собирање докази и сведоштва од сведоци и преземање мерки против членовите на групата што се наоѓале и кол-центрите на групата.

Бугарија, Грција, Полска, Унгарија се само дел од државите за оваа криминална операција

Заеднички истражен тим составен од романски, унгарски, полски, бугарски и молдавски власти, формиран во Евроџаст, бил во сржта на оваа соработка. За време на десет координативни состаноци во седиштето на Агенцијата во Хаг, истражителите разменија информации и ги открија меѓународните врски на криминалната група. За собирање докази и сослушување сведоци, бил планиран координиран акционен ден, со акции што се одвиваа истовремено во 15 земји. На денот на акцијата, Европол постави Виртуелна командна станица (VCP) и распореди експерти за да им помогнат на интервентните власти на самото место.

Акцискиот ден, координиран од Евроџаст од неговото седиште, беше на 12 мај. Властите претресоа 113 локации во Бугарија, Грција, Унгарија, Полска, Романија и Република Молдавија. Доказите беа побарани од компании во осум земји и досега беа интервјуирани 23 сведоци. Во Романија, блокирани беа 196 веб-страници што се користеа за промоција и продажба на додатоците во исхраната. За време на претресите во Унгарија и Романија, запленети беа големи количини додатоци во исхраната и сега ќе бидат анализирани. Во Бугарија, идентификуван е централниот магацин на криминалната група каде што беа пронајдени големи количини додатоци во исхраната, кои исто така ќе бидат дополнително анализирани. Во Полска, замрзнат е имот во вредност од 1,8 милиони евра, информира Евроџаст.

Заедничкиот истражен тим успеал да ги идентификува повеќето осомничени членови на групата и притворил некои од главните членови во Полска, Романија и Република Молдавија. Истрагите за криминалната група ќе продолжат, додека ќе се собираат повеќе информации и ќе се испрашуваат повеќе сведоци и осомничени.

Предупредување до сите – купувајте само од регистрирани аптеки

Нелегалните лекови не само што финансираат криминални групи низ целиот свет, туку и предизвикуваат сериозна штета на нивните жртви. Постои поголем ризик од купување нелегални лекови кои не поминале низ ригорозни процеси на евалуација за да се осигури дека се соодветни за пазарот на ЕУ, при купување лекови од нерегистрирани извори. Властите ги предупредуваат граѓаните да купуваат лекови само од регистрирани онлајн аптеки. Европската агенција за лекови, заедно со своите национални колеги, создаде лого за онлајн продавачи на лекови регистрирани кај нивните национални регулаторни органи.

Акциите беа спроведени од следниве органи:

Романија: Обвинителство на Високиот суд за касација и правда; Дирекција за истрага на организиран криминал и тероризам; Територијална служба Јаши; Романска полиција

Бугарија: Регионално обвинителство во Софија; Обвинителство на градот Софија; Дирекција за внатрешни работи на регионалната полиција на Софија; Генерален директорат за борба против организиран криминал – Дирекција за киберкриминал

Унгарија: Обвинителство за економски криминал во Будимпешта; Национално биро за истраги – Оддел за киберкриминал
Полска: Окружно обвинителство во Варшава; Централно биро за киберкриминал; Национална администрација за приходи

Република Молдавија: Обвинителство за борба против организиран криминал и посебни случаи; Национален истражен инспекторат

Кипар: Канцеларија на државниот обвинител; Кипарска полиција

Чешка Република: Општинско јавно обвинителство во Прага; Полиција на Чешка Република, Регионална полициска дирекција за главниот град Прага – Оддел за економски криминал

Естонија: Канцеларија на државниот обвинител; Одбор за полиција и гранична полиција

Грција: Апелациониот обвинител на Атина; Истражен судија на Првостепениот суд во Атина; Поддирекција на Дирекција против организиран криминал/финансиски криминал во Атина; Дирекција за форензичка наука/Поддирекција за дигитални форензички истражувања и анализа во Атина

Италија: Јавно обвинителство Милано; Финансиска полиција

Латвија: Оддел за меѓународна соработка на Централниот оддел за криминална полиција на Државната полиција на Латвија

Литванија: Регионално обвинителство Каунас; Регионално обвинителство Вилнус

Словачка: Регионално обвинителство во Братислава; Национален центар за посебни видови криминал на Президиумот на полициските сили

Словенија: Окружен суд во Љубљана; Специјализирано државно обвинителство на Република Словенија; Полициска дирекција Љубљана

Шпанија: Оддел за меѓународна соработка на ЈО Мадрид; UDEV – Policia Nacional

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот