Алкохол илустрација / Фото Sergejs Rahunoks / Alamy / Alamy / Profimedia

Европа сè уште „пие најмногу“ – алармантен раст на алкохол меѓу децата

Иако прекумерното пиење кај адолесцентите генерално опаѓа, кај момчињата стапката се стабилизира, а кај девојчињата расте

Годишната потрошувачка на алкохол во земјите на ОЕЦД во 2023 година достигнала 8,5 литри чист алкохол по глава на жител, покажува извештајот „Здравје на прв поглед 2025“. Шест земји од ЕУ се под овој просек, а најниска потрошувачка има Грција со 6,6 литри, додека највисока се бележи во Романија, Португалија и Латвија со над 11,5 литри годишно.

Во последната деценија најголем пад во консумацијата имаат Белгија и Литванија, но Португалија, Шпанија и Романија го зголемиле пиењето за повеќе од два литра по глава на жител, пишува Еуроњуз.

Европската Унија останува регионот со највисока употреба на алкохол во светот, а ракот е водечка причина за смрт, предупредува СЗО. Алкохолот е силно поврзан со ризик од рак на грло, уста, црн дроб, дебело црево и дојка. Во 2023 година, 27 проценти од населението над 15 години барем еднаш месечно консумирале голема количина алкохол во краток период, најмногу во Грција, Ирска и Шведска, каде прекумерно пие над 40 проценти од возрасните.

Особено загрижувачки е растот на пиењето кај децата. Процентот на 11-годишници кои консумираат алкохол пораснал од 4 на 5 проценти меѓу 2018 и 2022 година, а 5 проценти од 11-годишниците и 15 проценти од 13-годишниците пиеле алкохол во последниот месец. Највисоки бројки кај 11-годишниците има во Чешка, Франција, Унгарија, Бугарија и Романија. Раната употреба на алкохол е поврзана со анксиозност, когнитивни нарушувања и поголем ризик од зависност во зрелоста. Во Данска, Унгарија и Бугарија, повеќе од 35 проценти од 15-годишниците се имаат опиено повеќе од еднаш, додека во Португалија бројката е под 10 проценти.

Иако прекумерното пиење кај адолесцентите генерално опаѓа, кај момчињата стапката се стабилизира, а кај девојчињата расте – од 19 проценти во 2018 година на 22 проценти во 2022 година. Во повеќето земји на ЕУ момчињата сè уште почесто пријавуваат повеќекратно опивање отколку девојчињата.

За да се спречи малолетничкото пиење, многу држави воведуваат построги мерки – ограничување на достапноста и рекламирањето на алкохол. Белгија неодамна усвои нов Акциски план за алкохол 2023–2025, со кој се забранува продажба на алкохол преку автомати, на бензински пумпи покрај автопат во ноќните часови и во болници, со цел да се намали лесната достапност на алкохол кај младите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот