„Еуродрам“ ги објави добитниците на европските награди за драмски превод

Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“ го соопшти изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2023 година, меѓу кои се и три преводи на македонски јазик. Меѓу преводите пријавени од цела Европа, наградени се македонските преведувачи Марио Стојаноски, Мирјана Илиева Јашари и Сашо Огненовски.
Македонскиот комитет на „Еуродрам“ разгледал вкупно деветнаесет предложени драмски преводи на македонски јазик од кои како најдобри се избрани: „Папагал“ од Данило Киш, превод од српски јазик на Марио Стојаноски; „Бордел Балкан“ од Јетон Незирај, превод од албански јазик на Мирјана Илиева Јашари; и „Ако се разбудиш или како да е тоа важно“ од Исидора Милосављевиќ, превод од српски јазик на Сашо Огненовски.
Европската мрежа за современа драма и превод опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 29 јазични комитети, меѓу кои е и македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.
Во парни години, секој јазичен комитет на „Еуродрам“ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и изведување.
Членови на Македонскиот комитет на „Еуродрам“ се: Катарина Коцевска Хаџи Василева, актерка и драмска писателка; Фроса Пејоска-Бушро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 172, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.3.2023)