
ЕУ вели дека социјалната мрежа Икс најмногу „лаже“: На која најмногу и веруваат Македонците?
Платформата „Иск – Х“ поранешен Твитер е социјална мрежа на која се споделуваат најмногу дезинформации и лаги во однос на бројот на објави. Ова меѓудругото го наведува истражување направено од страна на Европската комисија кое било спроведено врз испитаници во повеќе земји членки на Европската Унија.
Препорачано
Имено како што пишува британскиот сервис „Би-Би-Си“, истражувањето е спроведено врз 6.000 уникатни објави на социјални мрежи Фејсбук, Инстаграм, Линкедин, ТикТол, Икс и Јутуб а наодите од студијата покажуваат дека социјалните мрежи глобално пренесуваат содржина која е чувствителна и која е недоволно проверена, односно истата е манипулативна. Студијата анализираше содржина во три земји кои се сметаат за особено изложени на ризик од дезинформации – Шпанија, Полска и Словачка.
Во меѓувреме ЕУ упати предупредување до Илон Маск да се придржува кон новите закони за лажни вести и руска пропаганда, откако беше откриено дека „Икс“ има најмногу дезинформации во однос на сите големи платформи на социјалните медиуми, објави „Гардиан“.
Извештајот го анализираше соодносот на дезинформации во нов извештај кој за прв пат го откри размерот на лажни вести на социјалните медиуми низ ЕУ, со милиони лажни сметки отстранети од ТикТок и Линкедин. Интересно е што Фејсбук беше посочен како втор најлош престапник кога станува збор дезинформациите, се наведува во извештајот кој истовремено нотира дека социјалните мрежи доколку не ги почитуваат европските правила за споделување на информации, Брисел во блиска иднина може да ги прогласи за нелегални според Законот за дигитални услуги (ДСА), кој стапи на сила во август.

Во меѓувреме Фејсбук и другите технолошки гиганти, вклучително и Гугл, ТикТок и Мајкрософт, се потпишаа на кодексот на практика што ЕУ го подготви за да се осигура дека можат навреме да се подготват да работат во границите на новите закони. Твитер го напушти кодексот на пракса, но според новиот закон е обврзан да ги почитува правилата или ќе се соочи со забрана низ ЕУ.
Остри критики кон Маск и политиките за објави на „Икс“
-Господинот Маск знае дека не е ослободен со тоа што го напушта кодексот на пракса. Постојат обврски според тврдиот закон. Значи, мојата порака за Твитер/Икс е дека мора да се придржувате. Ќе внимаваме што правите – рече европскиот комесар Вера Јурова, која е одговорна за имплементацијата на новиот кодекс против дезинформации.
Извештајот од 200 страници е приказ на работата на големите платформи во првите шест месеци од 2023 година за да се подготват за усогласеност со новиот закон и го крева капакот на напорите зад сцената направени од Фејсбук и другите да ја намалат руската пропаганда, говорот на омраза и други дезинформации.
„Руската држава се вклучи во војната на идеи за да го загади нашиот информативен простор со полувистини и лаги за да создаде лажна слика дека демократијата не е подобра од автократијата“, рече Јурова.
Сопственикот на Линкедин, Мајкрософт, спречи создавање на 6,7 милиони лажни сметки и отстрани 24.000 парчиња лажна содржина Јутјуб, во сопственост на Гугл, и соопшти на ЕУ дека отстранила повеќе од „400 канали вклучени во операции за координирано влијание поврзани со Агенцијата за истражување на Интернет, спонзорирана од Русија“.
Паралелно на ова ТикТок веќе отстрани речиси 6 милиони лажни сметки и 410 непроверливи реклами. Истото тоа го направи и Гугл каде оваа отстрани рекламирање од речиси 300 страници поврзани со „пропагандни сајтови финансирани од државата“ и отфрли повеќе од 140.000 политички огласувачи поради „неуспешни процеси за проверка на идентитетот“.
Мета, се вели во извештајот, ја прошири својата проверка на факти на 26 партнери кои покриваат 22 јазици во ЕУ, сега вклучувајќи ги и чешкиот и словачкиот. ТикТок, кој неодамна беше казнет со 345 милиони евра (300 милиони фунти) за прекршување на правилата за заштита на податоците за децата, исто така работи на усогласување со ДСА. Мајкрософт, друг учесник во кодексот на пракса, ѝ кажа на ЕУ дека или избришал информации или ги намалил сомнителните информации во врска со 800.000 барања за пребарување за војната во Украина.
Македонците веруваат на сè што ќе прочитаат на Интернет?
Токму зајакнување на системот на контрола во образовните институции, подигнување на степенот на образование но и подигање на медиумската писменост би помогнало многу во процесот на борбата против лажните вести и да не дојде до состојби од кои не би можеле да се „одбраниме“ како што тоа сега е случај во некои земји во ЕУ советуваат дел од домашните експерти. Според нив, вклучувањето на алармот за поголема контрола врз децата на социјалните мрежи би допринело до намалување на овој тренд кој е опасен и се повеќе присутен во европските земји но и регионот.
Во тој контекст комуникологот и експерт по комуникации Бојан Кордалов за „Слободен печат“ коментирајќи го извештајот од македонски агол вели дека проблемот со невистините на социјалните мрежи во Македонија е сериозен.

– Степенот на анонимност и не покажување на идентитет на „Икс“ поранешен Твитер е многу поголем и со самото тоа луѓето се сметаат за анонимуси кои можат да шират дезинформации и тоа најдобро и најлесно го чинат таму. Со други зборови како оваа мрежа функционира е измислена во смисла на тоа брзината на информацијата да е приоритет а вистинитоста – посочува комуникологот Кордалов.
Комуникологот советува дека за надминување на овој сериозен проблем кој го мачи домашното општество но и општествата на другите земји во регионот потребно е поголема вклученост на институциите на терен меѓу засегнатите и индивидуален пристап кон решавањето на проблемот.
-Мојот став е дека не е пресудно каде, кој и што прави на социјалните медиуми. На мрежата „Икс“ можете да најдете луѓе коишто не шират дезинформации. Напротив на оваа социјална мрежа постојат валидни профили кои споделуваат секојдневно важни и проверени информации. За мене како комуниколог е важно да се дознае кој и што прави таму. Тоа е борбата со дезинформации што треба да ја преземат институциите. Треба да се престане со таргетирање на медиуми и групи туку индивидуално да се пристапува и решава проблемот со лажните вести, пропаганди и дезинформации – подвлекува Кордалов.
Лажните вести стануваат камен на сопнување во членство во ЕУ
Дезинформациите во македонскиот интернет простор се шират забрзано и ги има сè повеќе. Загриженост за ова прашање истакна и Европската комисија во последниот Извештај за 2022 година за напредокот на С. Македонија во нејзиниот евроинтеграциски пат. Во Извештајот се вели дека постојат „растечки закани од дезинформации“, а како главен извор на различни видови на дезинформации ги посочуваат онлајн медиумите и социјалните мрежи.
– Онлајн медиумите не се регулирани со конкретен закон, а постојат различни ставови за потребата од регулација, особено во поглед на растечките закани од дезинформации. Онлајн медиумите и платформите на социјалните медиуми се главниот извор на дезинформации, мисинформации, говор на омраза, прекршување на професионалните стандарди и прекршување на правата на интелектуална сопственост, се вели во Извештајот на ЕК за 2022 година– се вели во докиументот на ЕК.
Во документот на ЕУ се додава и дека во контекст на дезинформациите коишто доаѓаат во врска со војната во Украина, македонската Владата во март 2022 година го забранила реемитувањето на руски ТВ канали со измена на Законот за рестриктивни мерки. Инаку досегашни извештаи кои се темелат на полициски извори посочуваат дека полицијата до сега има постапувано по десетици предмети, но додаваат дека сепак е многу тешко бидејќи нема конкретни закони. Од таму на неколку пати досега информираат дека реално кривично дело нема но, и дека можат да постапуваат по нив само кога се поврзани со друго кривично дело. Во Кривичниот законик – кривично дело за лажни вести нема. МВР постапува против лажните вести во кордианција со Јавното обвинителство. Од таму се наметнува прашањето дали треба нов закон каде лажните вести ќе бидат кривично дело.